• четврток, 04 декември 2025

Во битолскиот Музеј отворена мултисензорна изложба „Допир на уметноста“

Во битолскиот Музеј отворена мултисензорна изложба „Допир на уметноста“

Битола, 2 декември 2025 (МИА) - Националната установа Завод и Музеј-Битола во рамки на Меѓународниот ден на лица со попреченост, промовира мултисензорна изложба „Допир на уметноста“.

Според д-р Ирена Ружин, координатор на изложбата, со проектот НУ Завод и Музеј-Битола потврдува дека е лидер во регионот за доближување на културното наследство до сите посетители на музејот.

-Поводно за Меѓународниот ден на лицата со попреченост приредивме мултисензорна изложба „Допир на уметноста“ на која изложени се десет уметнички дела. Дел од делата се изработени од посебен материјал адаптиран за лицата со попреченост и со соодветна информација до Брајево писмо. Тим на Музејот и соработници овозможија со посебен контакт, допир на делата да се обезбедува пристап до тонски и видео материјал. Пет уметнички дела од современата и уметност и пет експонати. На ваков начин ние сметаме дека се придонесува за почитување на човековите права, истакна Ружин.

Јавна благодарност за новиот проект на НУ Завод и Музеј Битола искажа Весна Софрониевска, лице со попреченост.

-Порано кога доаѓавме во Музеј всушност доаѓавме во место во кое безмалку се чувствувавме како изгубени во просторот и времето. На секој агол пишуваше или ни предочуваа - гледај, не допирај! Денеска концептот е изменет и за нас важи правилото -допирај и уживај како и сите, нагласи Софрониевска.

Изложбата ја отвори ученичката Вероника Кочов, талентиран уметник, средношколка од Битола. мт/дма/

Фото: МИА

Остани поврзан