• понеделник, 16 декември 2024

Во Битола се одржа работилница за „Мултипла склероза, фикција или стварност“

Во Битола се одржа работилница за „Мултипла склероза, фикција или стварност“

Битола, 8 декември 2024 (МИА) - Северна Македонија е во државите со висок ризик и се приближува на бројката од 100 заболени лица со мултипла склероза на 100.000 жители. Само во Битола има околу 100 регистрирани лица со мултипла склероза, информираа од Здружение на лица со телесен инвалидитет „Мобилност Битола“.

Според Нико Јанков, претседател на „Мобилност“-Битола на лицата со мултипла склероза е потребно да им се помогне за себеприфаќање но и да им се обезбедат потребните лекови.

-Мултипла склероза е болест која има илјада лица, многу непознати причини, во светот се бараат многу начини на лекување затоа што се движи со голема прогресија. Сакаме да ја анимираме јавноста и државата дека овој проблем уште повеќе ќе се зголемува затоа што терапијата е скапа и државата мора да обезбеди дел од лековите што ги има во светот, но не и кај нас. Нашата основна цел преку овие работилници е да им помогнеме на лицата за себеприфаќање бидејќи за тоа е потребна голема храброст. Некој да си каже во себе дека се прифаќам таков каков што сум, со сите мои недостатоци е голема храброст, посочи Јанков.

Во изјава за медиумите, Бранимир Јовановски, претседател на национален Сојуз на лица со телесен инвалидитет на Северна Македонија „Мобилност Македонија“ посочи дека земјава треба доследно да ја применува потпишаната Конвенцијата на Обеденетите Нации за права на лицата со попреченост и инвалидност.

-Се бориме за инклузивно општество со еднакви можности за сите, ние чекориме заедно и каква што ни е државата, таква сме и ние лицата со инвалидност. Ние знаеме во каква економија живееме, знаеме дека се невозможни кенгурски чекори за одредени права, меѓутоа како потписници на Конвенцијата на Обеденетите Нации за права на лицата со попреченост и инвалидност, ние бараме државните институции да ги направат максималните напори за спроведување на мерките опишани во Конвенцијата. Секоја мерка е детално опишана за тоа како лицата со инвалидност да имаат еднакви можности и да живеат во инклузивно општество, истакна Јовановски.

Според статистичките податоци и анализи на Здружението на лица со телесен инвалидите „Мобилност-Битола“, со мултипла склероза најчесто се соочуваат лица на возраст од 25 до 40 годишна возраст и најмногу страдаат жените чиј сооднос е 7:1. мт/дма/

Фото: МИА

Остани поврзан