• среда, 22 јануари 2025

Во Битола се одржа поединечно Државно првенство во бокс

Во Битола се одржа поединечно Државно првенство во бокс

 

Битола, 22 декември 2024 (МИА) – Во Битола се одржа 30. Државно првенство во бокс на кое вчера во полуфиналето и денеска во финалето, настапија боксери од 16 македонски боксерски клубови.

Нови државни прваци има во кадетска конкуренција за боксери кои се натпреваруваа во конкуренција до 40, 42, 46, 48, 50, 52, 57, 60 и 70 килограми, во јуниорска конкуренција до 40, 54, 57, 60, 63, 66, 70 и 80 килограми, потоа во младинска конкуренција каде новите македонски шампиони се во категоријата до 57, 67, 71, 80 и 86 килограми, како и во сениорска конкуренција каде титулата најдобар македонски боксер ја освоија боксери во конкуренција до 60, 67, 75, 80 и 92 килограми.

Со одлука на Боксерската федерација на Македонија (БФМ) за најдобар боксер на првенството е прогласен Ален Рустемовски, боксерот Арбел Рустемовски е прогласен за најдобар техничар, признанието за најдобар судија му беше доделено на Мејдин Бајрамов, а дуелот меѓу боксерите Мачковски и Стојменовски беше прогласен за најборбена пресметка.

Учесниците на Државното првенство беа поздравени од градоначалникот на Битола, Тони Коњановски и претседателот на БФМ, Кристијан Андреевски кој на репрезентативците освојувачи на медали на неодамнешното Балканско првенство во бокс што се одржа во српскиот град Лозница им додели парични награди.

Домаќин и организатор на шампионатот кој се одржа во спортската сала „Боро Чурлевски“ беше боксерскиот клуб „Пелистерски јунак“.

М. Т.

Фото: МИА

Остани поврзан