• сабота, 21 февруари 2026

Во Битола се одржа панел дискусија за „Органодарителство во Македонија“

Во Битола се одржа панел дискусија за „Органодарителство во Македонија“

Битола, 20 февруари 2026 (МИА) - Лекари, трансплантациски експерти, но и лица донори на органи попладнево во Битола одржаа јавна панел дискусија на тема „Органодарителство во Македонија“.

Учесниците на панелот јавно порачаа да се поддржи органодарителството и земјава според бројот на жители да се доближи до државите од регионот, како што се Хрватска и Словенија.

Во изјава за медиумите Маја Горјанова (44) од Битола, донор на орган, истакна дека личното донорство го спаси животот на нејзината ќерка.

-Јас сум донор на орган, на дел од црн дроб за својата ќерка. Многу сум среќна што единствената шанса за спас на нејзиниот живот беше донорството, односно моето лично донорство. Мојата ќерка се роди со неразвиени жолчни канали кои понатаму го оштетија црниот дроб. Во таква ситуација мораше да се направи итна трансплантација и бевме упатени во Турција каде се изврши трансплантацијата. Чекањето на документација беше долг процес, но со одобрување на Фондот и со конзилијарно мислење ја реализиравме постапката. Со голема верба и надеж за нов живот успеавме со ќерката која тогаш имаше 7 месеци, а сега има 11 години и живее нормален живот. Апелирам до сите да го поддржат органодарителството бидејќи на тој начин се дава нов живот, нова шанса за живот, истакна Горјанова.

Експертите за трансплантации повикаа на мобилизација, да се помогне и интезивира органодарителството во Македонија кое е потребно на пациентите.

-Добро би било според органодарителството да се доближиме до земјите од регионот како што се Хрватска или Словенија каде според бројот на жители имаат најголем број на органодарители, беше нагласено на вечерашниот панел во Битола. мт/ац/

Фото: МИА

Остани поврзан