• петок, 27 декември 2024

Во Битола доделени највисоките општински признанија - наградите „4 Ноември“

Во Битола доделени највисоките општински признанија - наградите „4 Ноември“
Битола, 5 ноември 2022 (МИА) - Општина Битола синоќа на Свечена академија ги додели највисоките признанија на градот - Наградата за животно дело и годишни постигнувања „4 Ноември“, кои според востановената традиција се врачуваат на Денот на ослободувањето на градот - 4 ноември. Општинската награда „4 Ноември“ за животно дело за 2022 година ја доби Петар Ставрев, просветен работник, новинар, фотограф, фото-репортер, документарист, ТВ – репортер, уредник, автор, хроничар на градот и репрезент на Битола, а му ја врачи битолскиот градоначалник Тони Коњановски. Наградата на Ставрев му беше доделена заради големи достигнувања од областа на новинарството, реализирани неверојатни проекти, интервјуа со голем број значајни личности, а меѓу нив како најзначаен е Милтон Манаки, а како новинар пишувал текстови за бројни весници. Голем придонес има и во областа на фото документирањето на настани, места и личности на Битола.  Автор е на повеќе монографии, каталози, проспекти, на повеќе од 300 документарни филмови, добитник на наградите „Златна плакета“ и наградата од фестивалот „Камера 300“. Петар Ставрев е и планинар кој го искачил Мон Блан и највисоките балкански врвови. Во 2022 година на 81-годишна возраст реализира повеќе проекти, организирање на фото изложби, коавтор е на монографијата „76 години позитивни активности“, продолжи и со издавање на весникот „Занаетчија“ и весникот „Пензионер плус“, традиционално го фотодокументираше Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“, „Битфест“, „Илинденски денови“ и други настани од областа на спортот и културата во Битола. На синоќешната свеченост во Битола, општинските награди „4 Ноември“ за годишни достигнувања и посебни резултати постигнати во 2022 година, добија Благој Мицевски, Оливера Наковска Бикова, Сефедин Бајрамов, Божидар Божиновски и д-р Маријан Бошевски, а им ги врачи претседателката на Советот на Општина Битола, Габриела Илиевска. Манифестацијата по повод доделувањето на наградите, во битолскиот театар заврши со музичко сценски перформанс „Битола Бабам Битола“ во режија на Дејан Пројковски. мт/сп/

Остани поврзан