• вторник, 17 декември 2024

Во Белград вечерва нов, трет, протест „Србија против насилството“

Во Белград вечерва нов, трет, протест „Србија против насилството“

Белград, 19 мај 2023 (МИА) - Протестот „Србија против насилството“, на кој повика проевропската парламентарната опозиција, денеска по трет пат ќе се одржи пред српското Собрание, со почеток во 18 часот, јави дописникот на МИА од Белград.

На протестот засега единствено е сигурно собирањето на граѓаните, како и прошетката, а дали ќе има блокада на клучните патишта и сообраќајни правци ќе одлучат опозиционерите во однос на тоа каква ќе биде реакцијата на власта, како и околностите кои во моментов не е можно да се предвидат, како на пример, прашањето дали земјоделците ќе пристигнат во Белград, пишува весникот Данас.

Како што му е соопштено на овој весник во опозициските кругови, содржината на неколку претпоставени и договорени сценарија за денешниот протест се чуваат во тајност за да се спречат манипулации.

Протестот „Србија против насилството“ во два наврати собра десетици илјади граѓани на белградските улици и според бројни проценки беше оценет како најголем собир во последните две децении во Србија.

Минатиот петок на 12 мај беше блокиран мостот Газела цели два часа.

Реакцијата на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, како и на власите, беше минимизирана и за бројот на демонстранти на тие протести и за квалитетот и содржината на нивните барања, но сепак во собранието вчера започна седница на барањето на опозицијата на која се расправа за барањата од протестите, по двата трагични настани во кои беа убиени 18 луѓе.

Во меѓувреме, во вторникот, на 16 мај, земјоделците ширум Србија започнаа протести, незадоволни од односот на државата кон нивната работа и егзистенција.

Тие протести се интензивираа во последните два дена, а блокадите почнаа да се шират низ цела Србија.

И покрај тоа што нема допирни точки во однос на конкретни барања во однос на власта, што ги поставија организаторите на протестот „Србија против насилството“ и незадоволните земјоделци, постои можност нивниот протест да се „вкрсти“ денес во Белград, бидејќи земјоделците од Шумадија се упатија кон Белград, а можност да им се придружат најавија земјоделците од повеќе градови во Војводина. об/сд/

Остани поврзан