Во Абу Даби продолжуваат мировните преговори меѓу Русија и Украина
- Претставници од Русија, Украина и САД денеска треба да се состанат во Абу Даби на втора рунда разговори со цел истражување можности за ставање крај на војната во Украина и покрај новиот бран руски воздушни напади врз нејзиниот сосед.
Абу Даби, 4 февруари 2026 (МИА) - Претставници од Русија, Украина и САД денеска треба да се состанат во Абу Даби на втора рунда разговори со цел истражување можности за ставање крај на војната во Украина и покрај новиот бран руски воздушни напади врз нејзиниот сосед.
Првата рунда трилатерални разговори се одржа во средината на јануари, а последователниот состанок закажан за минатата недела беше одложен.
Се очекува украинската делегација во Обединетите Арапски Емирати повторно да биде предводена од секретарот на Советот за национална безбедност и одбрана, Рустем Умеров.
Кремљ соопшти дека нема да има промени во руската делегација, во која се вклучени шефот на воената разузнавачка служба ГРУ, Игор Костјуков, и други високи офицери. Предвидено е разговорите да траат до утре.
Пред состанокот Русија ги продолжи нападите врз енергетската инфраструктура на Украина, при што властите известија за ноќни напади во неколку региони. Бомбардирањето уште еднаш остави милиони луѓе без електрична енергија и греење во услови на екстремно ниски зимски температури и ги прекина тековните поправки на мрежата.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја обвини Москва за кршење на ограниченото примирје постигнато со посредство на САД и побара одговор од Вашингтон, пренесе ДПА.
- Киев е препуштен на добрата волја на американскиот претседател Доналд Трамп додека се надева дека ќе обезбеди американски безбедносни гаранции и не може да ги откаже преговорите - рече тој. јт/
Фото: МИА архива