• вторник, 26 ноември 2024

Војната во Украина донесе многу кризи и во Молдавија

Војната во Украина донесе многу кризи и во Молдавија
Кишињев, 6 март 2022 (МИА) -  На Молдавија брзо и снемуваат можностите да обезбеди „пристојно“ засолниште и грижа за украинските бегалци, изјави министерот за надворешни работи Нику Попеску, јави Политико. На земјата и треба помош и дополнителни ресурси од нејзините партнери во однос на опремата, финансиската помош и транспортот за бегалците - сето тоа „сега и веднаш“, предупреди Попеску. „Ние сме најкревкиот сосед на Украина“, рече министерот, истакнувајќи ја не само бегалската криза, туку и масовното вооружување на нејзините два соседи, Русија и Украина. Молдавија, со околу 2,6 милиони жители, досега прими 237.000 бегалци, од кои 113.000 остануваат на нејзина територија. Попеску рече дека очекува зголемување на бранот бегалци. - Се приближуваме до точка на топење, рече тој, додавајќи дека земјата претрпува огромен економски удар од загубата на увозот од Украина. - Молдавија е во многу, многу тешка ситуација, додаде тој. Заедно со Грузија, земјата аплицира за влез во ЕУ во „солидарност“ со Украина претходно оваа недела, рече Попеску. Како одговор, регионот на Приднестровје во земјата, управуван од сепаратисти под де факто руска контрола, побара од Москва да ја признае нејзината независност - исто како што направи украинскиот сепаратистички регион Донбас пред руската инвазија. „Очекуваме охрабрувачки сигнал од ЕУ“, рече тој. Молдавија доби еден вид авансно плаќање претходно оваа недела, кога шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, ја посети земјата и вети 15 милиони евра „за да помогне во управувањето со непосредната криза“. Во исто време, земјата нема планови да се приклучи на глобалните санкции против Русија или да преземе чекори за приближување кон НАТО, рече Попеску, наведувајќи ја несигурната безбедносна ситуација и неутралниот воен статус на земјата, кој е содржан во нејзиниот устав. ссм/

Остани поврзан