• понеделник, 23 декември 2024

Војдан Стојановски: Би сакал љубителите на кошарката да ја исполнат салата до последно место и да бидат наш шести играч

Војдан Стојановски: Би сакал љубителите на кошарката да ја исполнат салата до последно место и да бидат наш шести играч
Гевгелија, 10 ноември 2022 (МИА) – Капитенот на македонската кошаркарска репрезентација, Војдан Стојановски, ги повика навивачите на „црвено-жолтите“ да дојдат и да ја исполнат салата „26 Април“ во Гевгелија каде вечер гостува Норвешка. - Би сакал да ги повикам сите љубители на кошарката да ја исполнат салата до последно место и да бидат наш шести играч. Нема да биде воопшто лесно, но се надевам дека ние ќе бидеме победници на крајот. Ја гледавме Норвешка, станува збор за добар тим кој игра кошарка со многу движења и силна транзиција. Главен адут им е тоа, транзицијата, доста трчаат. Се работи за специфична репрезентација, со квалитетен офанзивен скок. Наше е да го затвориме нивниот најдобар играч кој им е на плејмејкерската позиција и да ја спречиме транзицијата. Мора сите 40 минути да играме фокусирано и квалитетно, смета Стојановски. Очекува дека на овој натпревар од Д-групата од претквалификациите за Евробаскетот 2025, од голема помош ќе биде новиот македонски плејмејкер Ти-Џеј Шортс. - Последни пет години не сме во целост комплетни, со исклучок во август кога бевме повеќето тука и покажавме квалитетна кошарка. Во воведните два дуели немавме и натурализиран кошаркар. Сите кои пратат европска кошарка знаат дека Шортс е лидер во тимовите каде и да играл. Се работи за сериозен играч со светла иднина. Пред се тој како личност е многу добар, тоа го почувствувавме веднаш на стартот, бевме како да се знаеме долго. Ќе ни биде од преголема помош сигурно, вели Стојановски. Двете репрезентации по две одиграни кола од групата „Д“ има ист скор – по две победи. зс/

Остани поврзан