Вонредна седница на надзорниот одбор на ЕЦБ поради превирањата на финансиските пазари
- Европската централна банка денеска одржува вонреден состанок на надзорниот одбор за да го разгледа влијанието на превирањата на финансиските пазари врз банкарскиот сектор во еврозоната.
Брисел, 17 март 2023 (МИА) - Европската централна банка денеска одржува вонреден состанок на надзорниот одбор за да го разгледа влијанието на превирањата на финансиските пазари врз банкарскиот сектор во еврозоната.
Акциите на банките паднаа оваа недела со оглед на тоа дека инвеститорите се загрижени поради колапсот на американската Банка на Силициумска долина (СВБ) и проблемите во швајцарскиот Кредит Свис (Credit Suisse).
Превирањата на пазарите стивнаа дури откако САД обезбедија исплата на депозити на клиентите на СВБ, а швајцарската централна банка обезбеди 50 милијарди франци на Кредит Свис за поддршка на нејзината ликвидност.
ЕЦБ на вчерашната редовна седница повторно ги зголеми каматните стапки во еврозоната, за половина процентен поен, нагласувајќи дека инфлацијата предолго ќе биде превисока. Според последните прогнози на банките, таа годинава треба да биде 5,3 отсто, а следната година 2,9 отсто.
Банката таргетира стапка на инфлација од околу два отсто на среден рок.
Во соопштението за печатот, ЕЦБ предупреди и дека најновите макроекономски проекции се направени на почетокот на март, пред последните тензии на финансиските пазари, кои „имплицираат дополнителна неизвесност во фундаменталните проценки за инфлацијата и растот“.
Во соопштението за медиумите од седницата за монетарната политика, одржана вчера, ЕЦБ нагласи дека банкарскиот сектор во еврозоната е отпорен и дека неговите капитални и ликвидни позиции се „силни“.
Денеска, ден по редовната седница, портпаролот на банката извести за вонредниот состанок на надзорниот одбор на ЕЦБ.
- Надзорниот одбор се состанува за да размени мислења и да ги информира членовите за неодамнешните случувања во банкарскиот сектор, изјави портпаролот на ЕЦБ.
Извор запознаен со разговорите рече дека целта на состанокот е да се следи ликвидноста на банкарскиот сектор во еврозоната и да се процени можното масовно повлекување на депозитите. Тој додаде дека ЕЦБ, според негова проценка, нема веднаш да се преземат никакви мерки.
Портпаролот на ЕЦБ одби да коментира. ссм/