• вторник, 24 декември 2024

Воените и полициските воздухоплови на Србија, Црна Гора и Романија ослободени од плаќање за услуги на воздухопловна навигација

Воените и полициските воздухоплови на Србија, Црна Гора и Романија ослободени од плаќање за услуги на воздухопловна навигација
Скопје, 9 август 2021 (МИА) - Владата на Република Северна Македонија денеска преку видео-конференциска интернет врска ја одржа 98-та седница на која е донесена одлука за ослободување од плаќање на надоместок за услуги за прелети и за терминални услуги во воздушниот простор на Република Северна Македонија на летовите на воените и полициските воздухоплови на Србија, Црна Гора и Романија. Ослободувањето од плаќање на надоместокот на услугите за прелети и за терминални услуги на воени и полициски воздухоплови на наведените земји, соопштија од владиниот Сектор за односи со јавноста, е за пружање помош во гасењето на пожарите на отворен простор. - Одлуката на барање на Дирекцијата за заштита и спасување е со цел олеснување на процедурите за пристигање на странска помош со воздухоплови и скратување на времето за распоредување и дејствување во кризните подрачја, стои во соопштението. Членовите на Владата попладнево гo разгледале и усвоиле и Извештајот за извршени преговори за потпишување на Договорот за воена финансиска соработка меѓу Владата на Република Турција и Владата на Република Северна Македонија за спроведување на финансиската поддршка во износ од 100.000.000 турски лири пресметани во американски долари (11,5 милиони долари). Финансиските средства, се наведува во соопштението, се наменети за набавка на неопходни производи и услуги за воени цели (алоцираните ресурси ќе се искористат за набавка на опрема за Силите за специјални операции, набавка на возила и опрема за логистичките единици) од локални компании во Турција, пред сè компаниите од турската одбранбена индустрија за воени цели. цр/вј/    

Остани поврзан