• вторник, 24 декември 2024

ВМРО-ДПМНЕ обвинува за постоење на 20.000 двојни матични броеви  

ВМРО-ДПМНЕ обвинува за постоење на 20.000 двојни матични броеви  

Скопје, 15 април 2021 (МИА) – Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска изнесе тврдења за изготвување и издавање лични документи на исти лица со ралични матични броеви во земјава.  Во аферата „Мафија 2“ како што ја нарекуваат, според информациите што ги добиле од ВМРО-ДПМНЕ, во Северна Македонија постојат над 20.000 лица кои имаат по најмалку два матични броеви.

Лидерот на партијата Христијан Мицкоски денеска на брифинг со новинарите објави, како што кажа, примери дека едно лице со два различни матични броеви го има два пати во Избирачкиот список.  Како што наведува, според проверките во Избирачкиот список, истото лице е регистрирано еднаш со неговото вистинско име, вистинска адреса, а вториот пат е регистрирано на друго име, во друга општина. Според Мицкоски, матичните броеви се разликуваат само во последните три бројки.

Мицкоски наведува дека таков матичен број има турскиот државјанин Седет Бекер, кој поседува македонски пасош. Лице со име како неговото во земјата не постои, вели лидерот на опозицијата, што било проверено од нивна страна, а ова лице има брат чиј матичен број се разликува само во последните три бројки.

Ова според ВМРО-ДПМНЕ е класична злоупотреба на институциите, и тежок криминал, пред се за гласање на избори.

Мицкоски рече дека министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски синоќа кажал дека опозицијата ќе продолжи со обвинувања и тоа за двојни матични броеви и споменал дека такви матични броеви се издавани од 1981 година и дека тие работеле на нивно чистење односно бришење.

Спасовски, како што кажа е веќе шеста година министер за внатрешни работи и праша како тој можел да потпише ваков непрочистен Избирачки список во 2016 година кога бил технички министер. Според лидерот на опозицијата, чии претставници во ДИК го потпишаа тогаш Избирачкиот список, се поставуваат две прашања  или Избирачкиот список не бил прочистен како што треба или овие матични броеви се ставени отпосле.

Одговарајќи му на Спасовски кој најави дека внатрешна контрола ќе проверува од каде и се на опозицијата информациите за пасошите, Мицкоски рече дека тој овие информации ги има повеќе месеци и оти министерот треба да мисли што ќе прави, откако нема да биде министер укажувајќи дека постои јасен начин како се издаваат пасоши. Мицкоски упати на исказот на Јован Вукотиќ, кој земал македонски пасош под името Ѓорги Андонов и за кој има сомнеж дека купил компанија од жител на Струмица опфатен со аферата со марихуаната. За Мицкоски е исто така спорно зошто за овој случај има само обвинителен предлог, а не и обвинителен акт.  ев/ац/ 

Остани поврзан