• вторник, 24 декември 2024

ВМРО-ДПМНЕ: Годишната програма на Министерство за култура повторно е злоупотребена

ВМРО-ДПМНЕ: Годишната програма на Министерство за култура повторно е злоупотребена
Скопје, 18 февруари 2022 И оваа година Министерството за Култура, на чело со министерката Бисера Костадиновска-Стојчевска, која нема ниту еден ден стаж во културата, покажа дека Годишната програма во голема мера ја користи како алатка за наградување на партиските послушници, гласноговорници и поранешни шарени револуционери. Министерката, на прес-конференцијата истакна дека непочитувањето на условите на конкурсот автоматски ги отфрла апликантите кои аплицирале со повеќе од два проекти во две области, но заборави да каже дека голем е бројот на правни субјекти кои добиле огромни суми, каде што едно лице е основач и сопственик на повеќе правни субјекти, а истовремено се јавува и како физичко лице. Културата е круг на учесници во културните процеси во кој уметниците меѓусебно се познаваат, и нивните реакции околу ваквите изигрувања на правилата на конкурсот се токму во таа насока. Во однос на драмската дејност се забележуваат следните недостатоци. На пример, Фестивалот „Војдан Чернодрински" е изедначен со „Шкупи фест" и „Отхело" од Гостивар со што се девалвираат фестивалите со традиција и им се намалува важноста за сметка на нови и неафирмирани фестивали и проекти. Се забележува нерамномерната распределба на средствата, како по број на проекти во театрите, така и по висината на добиените средства. Исто така, не е поддржан ниту еден македонски драмски текст. Во областа на издаваштвото, јасно се гледа привилегирањето на неколку издавачки куќи со добиени максимален број на десет проекти од десет предвидени, во однос на други издавачи кои низ годините се профилирале како квалитетни. Оваа година Министерството за култура во својата програма не предвидело средства ниту за Вевчанскиот Карневал кој има над илјадавековна традиција и е еден од најстарите карневали во светот, но за жал од страна на министерството не е препозната неговата автентичност и важност за македонската култура. Генерално, објавената Програма ја следи стратегијата на Владата предводена со СДСМ/ДУИ за денационалнизација на културата во Република Македонија, особено на македонската култура. Во таа насока, доколку се земат предвид одобрените проекти од областа на заштитата на културното наследство, може да се види дека повторно се дадени средства за тековно одржување и довршување на веќе започнати конзерваторски работи на археолошките локалитети и недвижни културни добра. Но, забележително е дека во Програмата за Културно наследство во опасност повторно изостанува црквата „Успение на Света Богородица“ во Матeјче која се наоѓа во катастрофална состојба. Скандалозно е тоа што во оваа програма нема никакви финансирани проекти од областа на нематеријалното културно наследство. Ниту еден проект за валоризација на нематеријалните културни добра, ниту пак за добрата кои се впишани во Националниот регистер на културно наследство на Република Македонија, а нема ниту проекти кои се однесуваат на добра кој се впишани во листите на УНЕСКО, особено за Гласоечкото пеење кое се наоѓа на листата на заштитени добра со потреба за итна заштита. Проекти не се доделени ниту на овластените субјекти за заштита на овој вид наследство. Страшна дискрапанца има повторно во однос на квотите за финансирање на проекти за заштита на културното наследство, но и генерално во целата програма, од помалите етнички заедници, со што програмата повторно е бинационална, односно биетничка, што се коси со таканаречената Стратегија за мултикултуралност промовирана од страна на оваа Влада. Отсуството за национално чувство може да се види и во програмата за музичко-сценската дејност каде, на пример, Македонската опера и балет и Македонската филхармонија не предвидуваат музички и музичко-сценски дела од македонски автори, особено од македонски композитори кој се бардови на македонската национална композиторска школа. Истото се забележува и во одобрената програма на МНТ каде од три одобрени престави, само една е од македонски автор. НАЈСКАНДАЛОЗНО е тоа што во Програмата од национален интерес, нема НИТУ ЕДЕН проект кој се однесува на одбележување на најзначајниот јубилеј за Македонија во оваа година, а тоа е 150 години од раѓањето на Гоце Делчев. За жал и оваа година сме сведоци на фактот дека сите се еднакви но партиските миленици на СДСМ се подеднакви од другите и добиваат максимален број на поддржани проекти и суми кои оддалеку се повисоки од сумите доделени на останатите учесници. Па така астрономски високи суми добиваат партиски активисти на СДСМ, поранешни шарени револуционери и гласноговорници за разно-разни портали, медиуми, невладини организации чии проекти се нејасно определени и дефинирани. Министерството за култура и оваа година не успеа да покаже непристрасност во носењето на одлуките, каде единствениот критериум е квалитетот а не „дарувањето“ на заслужните партиски подобни гласноговорници. Културата е занемарена, девлавирана од непрофесионалното и неодговорното работење на власта на СДСМ. Учесниците во креирањето на културните политики и собитија меѓусебно добро се познаваат и знаат за случаите кога едно лице е сопственик и основач на повеќе организации и правни субјекти што добиваат баснословни суми за нивните годишни програми. Сметаме дека слабиот интерес од само 3 769 пријави за Конкурсот оваа година е резултат на апсолутната недоверба во политиките на Министерството за Култура, со што и оваа годишна програма е доказ дека културата не е приоритет на владата на СДСМ, а на чело на министерството за пет години застанаа петмина министри. Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ __________________________________________________________________________ МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан