Влатко Стефановски со награда „Порин“ за посебен придонес во хрватската музика
- Со ова Влатко Стефановски застанува рамо до рамо со Стивен Ковачевиќ, Стинг, Роџер Вотерс, Џони Винтер, Џон Лyдон, Артуро Сандовал, Жан-Лук Понти, Рон Картер, Ли Кониц.
Сплит, 29 јануари 2026 (МИА) - На 33. издание на најважната хрватска музичка награда „Порин“, што ќе се одржи на 27 март во салата „Грипе“ во Сплит, признанието „Порин за посебен придонес во музиката“ во Хрватска (Porin Special Merit Award) годинава ќе му припадне на македонскиот гитарист со меѓународна кариера и еден од најзначајните музички уметници на овие простори - Влатко Стефановски.
„Оваа награда го препознава неговиот исклучителен уметнички опус, кој ја обликува регионалната музичка сцена, вклучително и хрватскиот културен простор. Стефановски е уметник чие творештво ги надминува границите на една средина - неговиот музички јазик, авторитет и креативна доследност оставија силен белег во многубројни соработки, меѓу кои Хрватска зазема посебно место. Во текот на повеќедецениската кариера изгради автентичен и препознатлив музички израз, каде што природно се преплетуваат етноџезот, инструменталниот рок, џез-фјужн и блузот, силно проткаени со наследството на традиционалните македонски ритми. Токму овој уникатен спој го направи симбол на македонската музичка култура, но и еден од најценетите гитаристи на меѓународно ниво“, се наведува во соопштението.
Со оваа награда Влатко Стефановски застанува рамо до рамо со Стивен Ковачевиќ, Стинг, Роџер Вотерс, Џони Винтер, Џон Лyдон, Артуро Сандовал, Жан-Лук Понти, Рон Картер, Ли Кониц.
Неговиот музички пат почнал кога во далечната 1965 година добил подарок акустична гитара за која во почетокот, всушност, и не покажувал голем интерес. Сепак, во гимназиските денови се раѓа љубопитноста, почнува да свири, да создава музика, да собира бенд - сè со цел да собере пари и да заработи за уште подобра гитара и засилувач. По завршувањето на гимназијата, составот „Леб и сол“ веќе беше сериозен бенд, а подоцна, се вели, стана еден од највлијателните во историјата на регионалната музика. Бендот од Скопје, чиј опус трајно ја промени перцепцијата за инструменталната и етномузиката на овие простори, стана познат по својот карактеристичен звук, за кој најзаслужен беше токму неговиот фронтмен Стефановски.
Од 1978 до 1991 година рок-составот сними 13 албуми, вклучително и концертни, а еден од највпечатливите е Live in New York („Во живо во Њујорк“), снимен во 1991 година во клубот ЦБГБ (CBGB). Секако треба да се истакне и албумот Live in Macedonia („Во живо во Македонија“), објавен по повторното обединување на групата во 2006 година, со кој се одбележаа 30 години од нивното постоење во состав: Влатко Стефановски, Бодан Арсовски, Гарабет Тавитјан и Коки Димушевски.
„По распадот на 'Леб и сол', Стефановски оствари исклучително богата и разновидна соло кариера. Многубројни албуми, соработки, музика за филм и театар, како и меѓународни проекти со светски музичари, како Џон Меклафлин, Алан Холдсворт, Ману Каче, Пино Паладино, Тони Левин, Мирослав Тадиќ и Теодосиј Спасов. Значаен траг остави и неговиот албум „Сараево“, кој настана од потребата чувствата кон градот што го сака да ги преточи во музика. Целиот приход од продажбата Стефановски го донира за деца без родители“, се додава.
Во текот на годините македонскиот музичар соработуваше и со низа најзначајни имиња на хрватската музичка сцена, меѓу кои се Џибони, Арсен Дедиќ, Оливер Драгоевиќ, Матија Дедиќ, Миа Димшиќ, како и со инструментални проекти, како Bow vs Plectrum („Хојсак & Новосел“), но и со Загрепската филхармонија. Редовно настапуваше на концертните сцени во земјата и учествуваше на многубројни албуми наградени со „Порин“ во разни категории како изведувач и инструменталист.
„Особено е симболично што 'Порин' за посебен придонес доаѓа веднаш по објавувањето на изданието на кое Стефановски интерпретира 10 евергрини на Ѓорѓе Новковиќ - Guitar Sings, снимени со Кралскиот филхармониски оркестар (Royal Philharmonic Orchestra) во легендарното студио 'Аби роуд' (Abbey Road), со што симболично се поврзуваат неговата меѓународна кариера и трајната поврзаност со музиката на овие простори“, се нагласува.
Придонесот на Стефановски несомнено е препознаен преку неговото трајно музичко влијание, врвните уметнички вредности, како и преку честите и со радост прифатени гостувања во Хрватска, кои претставуваат драгоцен додаток на неговата исклучителна кариера.
Фото: Архива на „Кроација рекордс“