• сабота, 23 ноември 2024

Владо Јовановски прв лауреат на наградата „Мето Јовановски“

Владо Јовановски прв лауреат на наградата „Мето Јовановски“

Скопје, 26 јули 2024 (МИА) - Македонскиот театарски, филмски и телевизиски глумец Владо Јовановски е годинашниот лауреат на наградата за извонредно актерско достигнување во уметноста на филмот „Мето Јовановски“, што годинава за првпат се доделува во рамки на третото издание на Фестивалот на медитеранскиот и балканскиот филм „Преку езерото“. 

Претседателката на Советот на фестивалот „Преку езерото“ Мими Ѓоргоска Илиевска на денешната прес-конференција по повод претставувањето на наградата, посочи дека наградата се доделува во чест на доајенот на македонското филмско актерство, а целта е да се направи значаен чекор како за македонската, така и за европската и медитеранската кинематографија.

- Филмовите на Мето Јовановски заземаат значаен дел токму од Кинотеката каде што се чуваат и ќе останат достапни и видливи неговите дела за генерациите кои доаѓаат. Со неговите дела тој останува секогаш меѓу нас. Секогаш кога ќе погледнеме некој филм со Мето Јовановски ќе се сеќаваме на него, рече Ѓоргоска Илиевска.

Таа посочи дека првиот лауреат Владо Јовановски е уште еден доајен, исклучителен и препознатлив македонски филмски актер, кој остварил низа значајни улоги во македонската кинематографија и исто како и Мето Јовановски, ја креира и ја создава богатата историја на македонската кинематографија.

-В ладо Јовановски е навистина многу препознатлив на филмското платно. Не дека неговите улоги на театарската сцена се помалку вредни, но ние тука сме во знакот на филмот и филмската уметност, и кога говориме за актерството, значајни се овие актери кои се препознатливи на филмското платно, додаде Ѓоргоска Илиевска.

Таа најави дека во рамки на фестивалот ќе биде организирана и посебна вечер за првиот лауреат на наградата Мето Јовановски, каде што сите посетители ќе имаат можност да погледнат мал дел од филмските остварувања на Владо Јовановски, но и да имаат разговор со него за неговите видувања во однос на професијата, неговите остварувања во полето на филмот и филмската уметност, како и неговите видувања за развојот на филмот.

Оваа вечер, како што посочи, ќе се одржи во Дојран и ќе дојдат гости од повеќе држави, а ќе има и претставници од другите градови од регинот, со цел да се даде печат и на културниот туризам.

Директорот на Фестивалот „Преку езерото“ Јани Бојаџи денеска на прес-конференцијата, образложувајќи ја програмата на Фестивалот, напомена дека се одбрани пет долгометражни филмови во официјалната натпреварувачка селекција, од кои четири се играни и еден документарен долгометражен филм. Филмовите ќе бидат објавени утре на официјалната веб страница на Фестивалот.

Како што рече, во официјалната програма за награди се и девет краткометражни филмови од медитерански, балкански и европски држави.

Фестивалот ќе биде отворен со српскиот филм „Руски конзул“. Филмот обработува интригантна политичка драма чие место на дејствие е на крајот на 70-тите и почетоот на 80-тите години во Косово во поранешна Југославија, каде што се претставени социјалните и политички судири.

Како што напомена Бојаџи, карактеристично за „Руски конзул“ е тоа што станува збор за српски филм во кој играат актери од сите балкански држави, вклучително и од Косово. Потенцираше дека она што го прави специјален тој филм за жал, е тоа што „Руски конзул“ е последниот филм на Мето Јовановски.

Мето Јовановски во филмот ја игра улогата на македонски свештеник кој е во затворот во Србија.

-Има една исклучително силна сцена во која Мето Јовановски во српски филм кажува молитва на македонски јазик. Првата вечер ќе уживаме во навистина добри актерски остварувања на македонски актери. Ова е официјалната програма, ние и минатата година влеговме во така наречена професионална програма, каде што има сегменти кои се однесуваат на професионалците. Имаме работилници, додаде Бојаџи.

Тој најави дека новина оваа година е тоа што ќе отворат Фонд за дипломски филмови на студентите по режија, кинематографија и продукција од сите универзитети за филм во државава.

-Фондот е во висина од 50 илјади евра. Доделуваме три гранта за снимање на дипломски краткометражи играни или документарни филмови, тоа е уметнички избор на студентите, од по еден милион денари. Идните диломирани студенти кои ќе победат на работилниците кои ги правиме на Фестивалот, ќе можат со врвна технологија, со средства, со организација да ги снимат своите филмови на светско ниво. Ќе им дадеме рок од 12 месеци на студентите да ги завршат своите филмови и ќе настојуваме трите филмови кои ќе добијат грантови, следната година да добијат светски премиери на Фестивалот „Преку езерото“. Ќе им дозволиме да аплицираат и на сите фестивали на светот да можат да се претстават и себе си и нас во добро светло, рече Бојаџи.

Во чест на Мето Јовановски, денеска пред Кинотека беше претставен и монументален мурал.

- Да се стои под овој мурал овде под ликот на Мето Јовановски е чест но и одговорност, затоа што да бидеме искрени, среќа наша е што живеевме со најголемиот актер во историјата на македонската кинематографија. Човекот кој не само што беше синоним за актерството и за филмот во Македонија, туку Мето Јовановски беше и синоним за Македонија. Неговиот карактеристичен лик го гледаме овде, и тие што го познаваа, можат да кажат дека неговите две карактеристични реченици беа „Како да ти речем“, и на прашањето како си, секогаше одговараше „Од Бога добро“, изјави денеска Јани Бојаџи пред муралот на актерот. бт/бак/

Фото: МИА

Остани поврзан