Влада: Спречуваме ценовен шок на енергентите со мерките за намалено ДДВ и акцизи
- Во услови на светска криза и нарушувања на пазарот на храна и енергенти, донесовме сет од 26 мерки за заштита на животниот стандард на граѓаните и спречување ценовен шок, велат од Владата на
Скопје, 18 март 2022 (МИА) - Во услови на светска криза и нарушувања на пазарот на храна и енергенти, донесовме сет од 26 мерки за заштита на животниот стандард на граѓаните и спречување ценовен шок, велат од Владата на Република Северна Македонија.
Од Владата посочуваат дека државата има најниска цена на нафта и нафтени деривати во регионот.
- Регулаторната комисија за енергетика ја следи состојбата на дневна основа и цената се определува врз основа на методологија којашто е пропишана, во однос на цената на нафтата и нафтени деривати. Промените на цената на енергентите на светските берзи на дневна основа се резултат на светските случувања, пред сè воената агресија врз Украина, што влијае исклучително негативно и со далекусежни последици не само врз цената на енергентите, туку и на цената на храната и останатите основни суровини, се вели во соопштението од Владата.
Оттаму додаваат дека заедно со ресорните министерства и институции континуирано ја следат состојбата и делуваат за зачувување на општата благосостојба во услови на светска криза. ки/дма/