• вторник, 24 декември 2024

Влада: Силно сме спротивставени на корупцијата и постапуваме по меѓународните извештаи

Влада: Силно сме спротивставени на корупцијата и постапуваме по меѓународните извештаи
Скопје, 24 јули 2021 (МИА) - Владата на Северна Македонија со исклучително внимание ги разгледува сите наоди и аспекти од извештајот на Стејт департментот на САД,  после што забелешките ќе бидат адресирани до засегнатите чинители со цел уште повеќе да ги зајакнеме антикорупциските политики и да ја подобриме инвестициската клима во земјава. -Владата е одлучна и сериозно посветена на решавање на наталожените и децениски проблеми, а справувањето со високата корупција и организиран криминал е на врвот на приоритетните национални реформи кои веќе испорачуваат резултати. Прочистувањето на правосудството, постојаното зголемување на транспарентноста на институциите, новата стратегија за конфискација на имот, дигитализацијата на институциите со која се отстранува човечкиот фактор при носењето одлуки и унапредувањето на системот за јавни набавки се неповратни процеси кои претставуваат препрека и закана за секој поранешен, актуелен и иден функционер кога е во прашање корупцијата, се наведува во соопштението од владината прес-служба. Дека ваквите процеси даваат веќе видливи резултати, како што е наведено во соопштението, говорат и расчистените судски процеси низ кои повеќе високи политичари се осудени за сериозни кривични дела, а десетици се во напредни судски постапки и се очекува конечен исход од страна на судовите.
Правосудството, како што посочуваат од Владата, ги има сите услови за професионално и непристрасно одлучување, ослободено е од какви било влијанија на извршната власт, а органите на прогонот несомнено постапуваат неселективно, без разлика за кој функционер станува збор.
-Меѓународните и домашните извештаи со сите нотирани податоци, се дополнителен мотив за Владата да продолжи со континуираната и неселективна борба против корупцијата, за обезбедување систем во кој институциите се во служба исклучиво на граѓаните. Со сите преземени мерки и предвидени иницијативи, Владата на Северна Македонија упатува сериозна порака до сите носители на јавни функции, државни службеници и граѓани дека учеството во коруптивни активности не се исплати и сериозно ќе биде казнето, се истакнува во соопштението од владината прес-служба. дма/мд/
 

Остани поврзан