• вторник, 24 декември 2024

Влада: Годинава 30 отсто повисоки цени за „вранецот“ и „смедеревката“

Влада: Годинава 30 отсто повисоки цени за „вранецот“ и „смедеревката“
Скопје, 23 август 2022 (МИА) - Откупната цена на грозјето годинава бележи најголем пораст од 30 отсто, соопшти Владата. Сортата „смедеревка“ ќе се откупува по 13 денари за килограм, а „вранецот“ ќе биде 15 денари за килограм што е три денари повеќе во споредба со лани. -Зголемувањето на откупната цена на грозјето е резултат на договорот постигнат по исцрпните консултации на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство со винариите и лозарите. Лозарството како извозно ориентирана гранка добива сериозна поддршка преку низа мерки креирани од Министерството за земјоделство која не изостана и во услови на светската криза предизвикана од војната во Украина. Преку мерката за одржување на постоечки површини со лозови насади лозарите добиваат субвенција од 40.000 денари по хектар, односно 48.000 денари по хектар за земјоделски стопанства со пријавена површина за финансиска поддршка од минимум 1 хектари до максимум 10 хектари, наведува Владата. За одржливо производство и помали трошоци, лозарите добиваат поддршка и во субвенционирање за зелена нафта која достигна и до 100 отсто, а во услови на криза поддршка е обезбедена и преку интервентните мерки. -И во услови на здравствената криза предизвикана од ковид вирусот, во 2020 и 2021 година преку повеќе мерки беа исплатени вкупно 649 милиони денари за помош на лозарите. Поддршка се обезбеди и за винариите во вредност од 67,6 милиони денари преку мерки со кои се помогна транспортот при извозот на вино. Овие мерки даваат позитивни резултати во развојот на лозарството и винарството. Домашното просечно производство на грозје е стабилизирано на околу 270 илјади тони на годишно ниво. Додека просечното годишно производство на вино е околу 100 милиони литри, наведува владината прес-служба. Владата потсетува и дека трета година по ред извозот на вино бележи пораст, и во количина и во вредност. -Паралелно се зголемува и бројот на винарски визби, кој заклучно со август 2022 година е 139, со вкупен капацитет од околу 200 милиони литри. Со тоа, вкупниот капацитет за преработка на грозје во вино е речиси два пати поголем од годишното производство на вино. Се овозможи финансиска поддршка до 10 000 евра за малите семејни винарии за набавка на опрема за производство, мерка која предизвика голем интерес. Поддршката на оваа земјоделска гранка продолжува и во следниот период, како стратешки сектор чиј извоз позитивно влијае во јакнење на домашната економија, стои во соопштението од Владата. мч/лв/

Остани поврзан