• вторник, 19 ноември 2024

Владата ја одржа 63-та седница

Владата ја одржа 63-та седница
Скопје, 20 јули 2022 Со цел да се заштити домашното производство, и да се одржи снабдувањето на домашниот пазар, за да се избегне растот на цените, во насока на задржување на стандардот на граѓаните, Владата на денешната седница донесе две одлуки, едната за ограничување на извозот на одредени производи и другата за укинување на царината за увоз на масло за јадење од сончоглед. За да се спречат сериозни пореметувања на пазарот во земјата, кои може да настанат со извоз на пченица и брашно од земјата, Владата донесе одлука до крајот на годината, односно до 31.12.2022 година да се ограничи извозот на пченица и наполица и брашно од пченица и наполица. Во услови на економската криза предизвикана од воените случувања во Украина и пореметувањата на светскиот пазар на пченица на кој се јавува сериозен недостиг на пченица, потребно е да се превенираат евентуалните дополнителни нарушувања на пазарот во земјата кај овие основни прехранбени производи, неопходни за исхрана на населението. На денешната 63-та владина седница, на предлог на Министерството за економија беше донесена и одлука за ограничување на извозот на огревно дрво и пелети до крајот на годината, односно до 31.12.2022 година, со цел да се спречат и избегнат последиците предизвикани од зголемената побарувачка на населението за огревно дрво предизвикана од енергетската криза на светскиот пазар. Во консултација на Министерството за економија и со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Владата повторно донесе одлука за укинување на увозната давачка - царинската стапка за увоз на масло од сончоглед за јадење поради потребата да се одржува снабдувањето на домашниот пазар од растот на цените. Оваа одлука ќе важи до 31.12.2022 година. Ваква одлука се применуваше до 31 мај 2022 година. Имено, редовната царинска стапка на маслото од сончоглед за јадење е максимум 29%, така да со оваа мерка се дава можност на увоз од други земји за кои нема преференцијален третман во трговијата или се предмет на мала бесцаринска квота во рамки на договорите за слободна трговија. Владата на денешната седница, врз основа на известување за одземените лиценци на БЕГ за производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија го задолжи, а со цел поуспешно пребродување на кризата со топлинска енергија го задолжи АД ЕСМ – Скопје да спроведе постапка за основање на трговски друштва и тоа: Друштво со ограничена одговорност основано од едно лице за вршење енергетска дејност производство на топлинска енергија, Друштво со ограничена одговорност основано од едно лице за вршење енергетска дејност дистрибуција на топлинска енергија и Друштво со ограничена одговорност основано од едно лице за вршење енергетска дејност снабдување со топлинска енергија за подрачјето на Град Скопје, чиј основач и единствен содружник ќе биде АД ЕСМ - Скопje. Новооснованите друштва основани од АД ЕСМ - Скопје кои ќе вршат енергетски дејности на подрачјето на Град Скопје се задолжени да се јават во постапката за избор на вршител на енергетска дејност кој што ќе има обврска за обезбедување на јавната, односно универзалната услуга која ја спроведува Владата. АД ЕСМ е задолжено да спроведе постапка за основање на Друштво со ограничена одговорност основано од едно лице за вршење енергетска дејност производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија за подрачјето на градот Битола, Новаци и Могила, чиј основач и единствен содружник ќе биде ЕСМ-Скопје. Владата на Република Северна Македонија во знак на солидарност и во насока на зајакнување на партнерството и соработката помеѓу Република Северна Македонија и Република Грција донесе Одлука за испраќање на припадници и капацитети на Армијата на Република Северна Македонија во поддршка на гасење на пожари, во Грција. Се работи за припадници на Армијата со јачина од еден вод, со вкупно 30 припадници и хеликоптер со посада и потребни капацитети за гасење на пожар. Сите потребни мерки и активности за координација со властите во Република Грција, во врска со поддршката при гасењето на пожарите ги презема Министерството за одбрана- Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија. Согласно добиените информации од метео-алармот на Управата за хидрометеоролошки работи, од 21 до 24 јули 2022  година дека територијата на целата држава ќе биде зафатена од високи температури од портокаловата фаза, Владата донесе препораки за ослободување од работни обврски на најранливите групи на население, бремените жени и хронично болните лица. Во градинките се препорачува да не се практикува физичка активност на отворено и да не се изнесуваат децата надвор од 11:00 до 17:00 часот. Препораките важат и за единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст и Центрите за социјални работи, за пружање помош на осамени, стари, изнемоштени лица и бездомници, во регионите опфатени од топлотниот бран. Исто така се препорачува, работодавците да ги почитуваат законските обврски во насока на одредени технолошки и производни процеси, кои претставуваат дополнителен ризик за здравјето на работниците. Владата упати апел до јавноста и граѓаните за внимателно движење во шумите и избегнување дејствија кои на отворен простор можат да предизвикаат пожар. Со оглед на состојбата со корона вирусот и мерките кои се воведуваат за ограничување на изложеноста на граѓаните со цел спречување, внесување и ширење на коронавирусот, и поради можноста со претстојната исплата на пензиите да се зголемува изложеност на пензионерите како најранлива возрасна група, се предлага исплата на пензиите за јули 2022 година да се изврши во групи. Владата денеска ја разгледа и усвои „Информација на Министерството за здравство за преземените активности во врска со сторијата на Истражувачката лабораторија, емитувана на програмата на Националната телевизија на ден 17 јули 2022 година“. Според Информацијата, на 18јули 2022 година (понеделник) доставена е ургенција до Лекарската Комора по однос на доставеното барање да се изврши стручен надзор за лекувањето на пациентот Никола Брезев (како дел од сторијата) од ден 27 септември 2021год., а врз основа на доставената иницијатива за стручен надзор од страна на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ). Министерството за здравство информираше дека нило побарано од Државниот санитарен и здравствен инспекторат да изврши вонреден инспекциски надзор во ПЗУ „Клиничка болница Жан Митрев“,Скопје во однос на спроведувањето на одредбите од задолжителното пријавување на интрахоспиталните инфекции како и примената на одредбите од Законот за евиденции во областа на здравството како и комплетен инспекциски надзор согласно законските овластувања на инспекторатот. Од Државниот санитарен и здравствен инспекторат бил побаран и извештај за спроведените редовни и вонредни инспекциски надзори во приватните болници во Република Северна Македонија за период 2019год. до јули 2022 год. Од Агенцијата за лекови и медициски средства МАЛМЕД како надлежна иснтитуција согласно Законот за лекови и медицински средства за постапката за спроведување на клинички испитувања за лекови/медицински средства, беше побарано да се направи инспекциски надзор по однос на почитување на одредбите од Законот за спроведување на клиничките испитувања за примената на  хемофилтрацијата при третман на КОВИД-19 пациенти. На ден 19 јули 2022година Државниот санитарен и здравствен инспекторат го достави  извештајот за спроведените редовни и вонредни инспекциски надзори во приватните болници во Република Северна Македонија за период 2019год. до јули 2022год.според кој во тековниот период направени биле 45 редовни и 52 вонредни инспекциски надзори во вкупно 12 приватни болници во државата при што биле издадени 11 решенија за констатирани недостатоци во надлежност на инспекторатот. На ден 20 јули 2022 година формирана е комисија за вршење на стручен надзор, а во врска со примената на методот на хемофилтрација при лекувањето на пациентите со КОВИД-19 во Приватната здравствена установа „Клиничка болница Жан Митрев“, Скопје. Во следниот период Министерството за здравство ќе направи анализа на добиените извештаи по која  ќе бидат преземени сите потребни мерки и активности согласно законските овластувања. Владата на денешната седница ја усвои и Информацијата за исплата на пензии за месец јули 2022 година со задолжување на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување да ги достави податоците за пензиите до деловните банки најдоцна до 26 јули, а деловните банки од 27.07.2022 година да обезбедат пензионерите да може да располагаат со јунските пензии преку мрежата на банкомати и трговската мрежа. Готовинската исплата на пензиите, за клиентите кои не користат картички, според постигната согласност од банките ќе се спроведе во четири групи (4 денови) во сите отворени филијали и експозитури на банките, согласно следниот распоред: - За пензии со висина до 11.000 денари, исплатата да се изврши на 27.07.2022 година (среда); - За пензии со висина 11.001-14.000 денари, исплатата да се изврши на 28.07.2022 година (четврток); - За пензии со висина 14.001-18.000 денари, исплатата да се изврши на 29.07.2022 година (петок), и - За пензии со висина над 18.001 денари, исплата да се изврши на 01.08.2022 година (понеделник). Прес-служба на Владата на Република Северна Македонија ————————————————————————————————————————— МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.  

Тагови

Остани поврзан