• сабота, 23 ноември 2024

Владата одлучи да се одложи примената на Концепцијата за седмо, осмо и деветто одделение  

Владата одлучи да се одложи примената на Концепцијата за седмо, осмо и деветто одделение  

Скопје, 5 јули 2024 (МИА) – Со одлуката на Владата денеска почнуваат позитивните промени во образованието во нашата држава и децата на 1 септември оваа година ќе имаат учебници. Се одложува имплементацијата на дел од Концепцијата што се однесува на седмо, осмо и деветто одделение во однос на наставните планови и програми, без да бидат засегнати изборните предмети за кои сметаме дека се добро решение во идниот процес на образование кај младите.

Ова попладнево на прес-конференција го соопшти министерката за образование и наука Весна Јаневска откако претходно денеска МОН информираше дека по неколку дена разговори со Бирото за развој на образованието изнашле преодно решение за учениците кои од 1 септември ќе бидат седмо одделение - дека ќе може да ги користат учебниците кои се применуваат досега затоа што нови, според наставните програми од новата Концепција, не се изработени. За она што недостига во старите учебници, а е предвидено за изучување, ќе има додатни материјали што ќе ги изработи Бирото за развој на образованието (БРО).

Јаневска нагласи дека учениците нема да останат без учебници, како што рече, „за разлика од претходните години кога процесот на креирање, печатење, одобрување на учебници, од за нас навистина непознати причини, беше неодржлив, променлив, со бројни промени во повиците, со грешки во учебниците итн.“

-Ова решение ќе овозможи да надминеме еден сериозен проблем наталожен веќе неколку години наназад на недостиг на учебници. Секојдневно, макотрпно работевме на изнаоѓање на решение за овој проблем, дадовме максимални напори, секојдневно бевме во комуникација и се среќававме со Бирото за развој на образованието за да изнајдеме решение и конечно тоа и се случи, рече Јаневска.

Поради тоа што не се изработени учебници според наставните програми од новата Концепцијата за основно образование, која со етапната примена што почна во 2021 годинава треба да ги опфати седмооделенците, тие ќе ги користат учебниците што се употребуваа досега односно според старата програма.

-Од БРО добивме информации дека програмите се компатибилни, дека нема да има штета во знаењето на децата, целите од образованието ќе бидат остварени и проблемот ќе биде надминат, истакна Јаневска.

На новинарско прашање дали оваа одлука значи дека нема да се распишуваат конкурси за авторски тимови за изработка на учебници за седмо по новата концепција, министерката одговори дека носејќи ја одлуката, Владата донела заклучок со кој го задолжува Министерството за образование и наука „веднаш да се прекинат сите постапки кои се поврзани со овој процес“. Притоа нагласи дека ниту еден учебник за седмо одделение не бил предаден за печатење.

-Освен два учебника, ниту кај еден учебник не беше завршена процедурата – кај дел на пишување на учебникот, кај дел на одобрување на учебникот, што опфаќа рецензентски комисии, проверка во Бирото за образование и во Националната комисија, додаде Јаневска.

На прашањето дали одложувањето на концепцијата се однесува само на последната третина од основното образование (седмо, осмо и деветто) и што ќе се случува со претходните одделенија каде што таа веќе се применува, министерката одговори дека сакаат да се обезбеди континуитет во образованието, како што рече, „без нагли промени и премини“.

-Оттука, се што сметаме дека во концепцијата е добро, ќе продолжи да постои. Ќе се менуваат наставните планови и програми за седмо, осмо и деветто одделение, ќе се поделат интегрираните предмети Историја, Географија, Хемија, Физика, Биологија, Техничко итн., а изборните предмети за кои сметаме дека ќе бидат многу корисни во образованиот систем, ќе си останат, додаде Јаневска.

За Историја и Географија, за кои учениците немаа учебници минатата учебна година, БРО е задолжено во овие два месеца да изработи наставни материјали за овие два предмета.

-Во меѓувреме, ќе се распише и конкурс за да се јават автори и заедно со БРО, со заеднички сили, да го создадат едниот и другиот учебник, па некаде од половината на август да стигнеме и да ги пуштиме во печат, додаде министерката за образование и наука. хс/ев/

Фото: МИА

Остани поврзан