• понеделник, 16 декември 2024

Владата на БиХ даде два милиони евра и ја спаси јавната РТВ од затворање

Владата на БиХ даде два милиони евра и ја спаси јавната РТВ од затворање

Сараево, 9 септември 2024 (МИА) – Министерскиот совет на БиХ и додели два милиони евра на Радио телевизија Босна и Херцеговина, со што државниот радио-телевизиски сервис беше спасен од затворање.

Владата на вонредна седница додели два милиони евра на државниот и по 1,5 милион за јавните сервиси на ентитетите.

„Со оваа одлука се настојува да се обезбеди финансиска стабилност на јавните сервиси, што е еден од 14-те приоритети од Мислењето на Европската комисија за почеток на пристапните преговори со ЕУ“, соопшти Советот на министри. Директорот на БХРТ, Белмин Карамехмедовиќ, таа одлука ја нарече спас за државниот РТВ сервис, но и предупреди дека тоа е краткорочно решение.

- Ќе треба да се преземат уште неколку чекори со цел статусот на БХРТ, како и на другите јавни радиодифузери во Босна и Херцеговина, да се регулира како што предвидува законот, додаде тој.

Државниот РТВ сервис нема извор на финансирање од јануари откако ентитетската Федерална радио-телевизија престана да ја исполнува законската обврска да препраќа половина од собраните претплати од граѓаните на сметката на БХРТ.

Радио-телевизија Република Српска не ја исполнува оваа обврска од 2017 година, па тие два ентитетски радиодифузери ѝ должат на БХРТ околу 50 милиони евра. Вработените во БХРТ протестираа неколку пати и предупредија дека нивното исклучување ќе доведе до колапс на целиот систем на јавно РТВ емитување.

Меѓу 14-те приоритети за приближување на БиХ до ЕУ, Европската комисија наведе стабилно финансирање на јавниот РТВ сервис на Босна и Херцеговина. јт/

Остани поврзан