• понеделник, 23 декември 2024

Владата го одобри францускиот предлог, во вторник прва меѓувладина конференција во Брисел

Владата го одобри францускиот предлог, во вторник прва меѓувладина конференција во Брисел
Скопје, 16 јули 2022 (МИА) - Владата на денешната седница ги разгледа и ги усвои заклучоците кои денеска ги изгласа Собранието и донесе одлука за одобрување на предлогот на француското Претседателство од 30 јуни 2022 година. - Со оваа одлука го отпочнуваме процесот на пристапни преговори на Северна Македонија со Европската Унија, изјави попладнево премиерот Димитар Ковачевски по завршувањето на 60-тата владина седница. Потврди дека првата меѓувладина конференција ќе се одржи на 19 јули во Брисел. - Конечно, денеска ја имам честа да го најавам датумот за првата Меѓувладина конференција, која треба да се одржи веќе наредната недела, на 19 јули, во Брисел. Потоа, Европа ќе биде во Скопје, а Република Северна Македонија во Брисел, со полн капацитет, со пристап кон фондови, со пристап кон знаења, вистински принципи и најважно вредности, кон кои се стремиме и ги посакуваме. И сето тоа, врз идентитет, кој ќе се гледа континуирано во сите европски центри. Ве повикувам на заедништво, на верба, на позитивен пристап, на оптимизам, рече Ковачевски. Со денешната владина седница, како што додаде, „заокружуваме уште еден објективно историски чекор за нашата земја“. - Денес отвораме нови перспективи за државата, нови можности за просперитет за граѓаните. Од овде, и од денес па натаму, одиме напред со забрзан чекор за да се приклучиме кон европското семејство во кое многу скоро и официјално ќе се чуе нашиот македонски јазик, рече Ковачевски. Особена благодарност упати до вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и министерот за надворешни работи Бујар Османи заедно со нивните тимови за, како што рече, нивната исклучителна посветеност при зачувувањето и унапредувањето на државните позиции во целиот процес. Уште еднаш нагласи дека македонскиот јазик е загарантиран и дека нема да се преговара за идентитетските прашања. - Поради оваа посветена работа ние денес имаме преговарачка рамка во која македонскиот јазик и идентитет се зачувани, историските прашања се надвор од истата, а ние сме веќе на чекор од одржувањето на првата меѓувладина седница која ќе го означи почетокот на преговори на Северна Македонија со Европската Унија, нагласи Ковачевски. Денес, заклучи тој, „велиме „да“ за зачувување и зацврстување на македонскиот идентитет, македонскиот јазик, култура, историско минато, засебност и посебност и дома и насекаде во светот“. - Ние велиме „да“ за развој на заедничка, мултикултурна, мултиверска, за граѓанска држава, интегрирана рамо до рамо со најголемите нации и држави во светот. Уште еднаш, јасно и гласно, цврсто сигурно, во име на Владата, сакам да ве уверам дека во целиот долгорочен процес, никој не смее и нема, во било кое време и околности, да преговора за македонските идентитетски прашања. Тоа не се работи за кои се преговара, потенцира Ковачевски. мс/бак/ https://www.youtube.com/watch?v=1DKHX5pHwqs              

Остани поврзан