Вкупно 56 финалисти од 25 училишта се натпреваруваат на натпреварот по математика за средношколци „UltiMATH“
- Како што информираат организаторите, меѓу петте училишта со најголем број финалисти се Математичко-информатичката гимназија од Скопје со 11 финалисти, приватното средно училиште „Јахја Кемал“ со 9 финалисти, „Nova International School“ од Скопје со 5 финалисти, како и гимназиите „Раде Јовчевски-Корчагин“ и „Орце Николов“ со по 4 финалисти.
Скопје, 1 декември 2024 (МИА) – Најголемиот натпревар по математика за средношколци во земјава, UltiMATH, продолжува и денеска, со 56 финалисти од 25 училишта од целата земја.
Според информациите од Бреинстер НЕКСТ факултетот и НУ Колеџот за средношколци, ко-организатори на натпреварот UltiMATH и дел од Brainster Group, меѓу петте училишта со најголем број финалисти се Математичко-информатичката гимназија од Скопје со 11 финалисти, приватното средно училиште „Јахја Кемал“ со девет финалисти, „Nova International School“ од Скопје со пет финалисти, како и гимназиите „Раде Јовчевски-Корчагин“ и „Орце Николов“ со по четири финалисти.
Најголем број од финалистите – 22 се ученици во четврта година средно образование, 16 се во трета година, 10 се во втора година, а осум се ученици во прва година средно.
UltiMATH е дизајниран да обезбеди инклузивност и фер натпревар за сите средношколци од прва до четврта година. Натпреварот е прилагоден за секој ученик со солидно знаење по математика, а еден од клучните фактори е менаџирањето со времето – учесниците треба да ги покажат своите математички вештини, но и да внимаваат на брзината и ефикасноста при решавање на задачите, велат организаторите.
По завршувањето на денешниот натпреварувачки ден, најдобриот математичар ќе ја добие главната парична награда од 10 илјади евра и целосна стипендија за студирање на Бреинстер НЕКСТ факултетот. Дополнително, донација од 1.500 евра ќе биде доделена на училиштето од каде што доаѓа најдобриот математичар.
Вредни награди ќе има и за најдобрите десет учесници, вклучувајќи сертификати, стипендии и ваучери за Бреинстер НЕКСТ факултетот и NU Колеџот за средношколци. Изненадувања ќе има и за сите финалисти на UltiMATH.ар/вг/
Фото: Бреинстер