• сабота, 23 ноември 2024

Вкупно 54 жени за една година побарале помош од регионалниот Центар за поддршка на жртви на семејно насилство во Кавадарци

Вкупно 54 жени за една година побарале помош од регионалниот Центар за поддршка на жртви на семејно насилство во Кавадарци

Кавадарци, 7 октомври 2023 (МИА) - Табу тема се уште е семејното насиство, особено во помалите средини, како впрочем и секој друг вид насилство, бидејќи стравот од тоа што ќе каже на сето тоа малограѓанската околина, ако дознае, си го прави своето. Сепак, радува фактот што полека но сигурно се менува свеста кај населението и се зголемува бројот на оние кои одлучуваат да не молчат, туку да пријават дека се жртви на насилство. На тема насилство, особено семејно насилство, МИА се обрати до неколку субјекти што ја третираат оваа осетлива тема, во четирите општини од Тиквешкиот регион. 

Дека насилството дефинитивно треба да се препознае, пријави и спречи, говори и фактот што млада жена побарала помош, откако цели девет месеци во текот на бременоста била изложена на насилство, а решила да го пријави, откако сфатила дека тоа нема да престане и ќе го загорчи не само нејзиниот, туку и животот на нејзиното дете. Во друг случај, имало целосно нарушување на семејните односи помеѓу сите членови од фамилијата, а мајката била жртва на насилство извршувано не само од нејзниот сопруг, туку и од синовите, долгогодишни зависници од алкохол и психотропни супстанци. Освен стравот од тоа, како ќе реагираат другите ако дознаат за насилството, како една од причините за молчењето и непријавувањето, е и економската зависност. Стравот, срамот, безизлезот поради немање финансиски средства и личен имот, се најчестите причини поради кои не само што не се пријавува насилството, туку, дури и да се пријави, следува откажување од понатамошна полициска и судска постапка. 

Помош главно побарале жени кои подолг период живееле во насилна средина

Вкупно 54 жени побарале помош од регионалниот Центар за поддршка на жртви на семејно насилство во Кавадарци од септември лани, до деветтиот месец од оваа година. Ова го сподели за МИА, Благица Коцева Тодорова, претседателка на Здружението за родова еднаквост „Визија”, во чии рамки работи и Центарот. Најчесто, станувало збор за жени кои подолг период од нивниот живот живееле во една насилна средина, секојдневно изложени на разни ризици од физичко насилство или психолошко насилство. 

Сите оние што се охрабриле да побараат помош, добиле услуги од социјална работничка, правна помош и психосоцијална поддршка. Вкупно 48 од нив, тоа го сториле и со доаѓање во просториите на Центарот, а шест, побарале советодавна помош и информации, но, поради одредени причини, со нив се уште не бил остварен директен контакт. Сите тие, како што самите кажале, преживеале некаква форма на семејно насилство, или родово базирано насилство. 

Центарот за помош и поддршка на жени жртви на семејно насилство, „Женски центар”, е регионален центар што ги опфаќа општините Кавадарци, Неготино, Росоман и Демир Капија. Работи со поддршка на четирите локални самоуправи. Во него за помош, освен жени, може да се обратат и девојки и деца, ако чувствуваат дека се жртви на било какво насилство, над нив и над нивните блиски.

- Нашиот тим работи со лицата што пријавуваат насилство, со сите специфичности на секој одделен случај. Разговараме со нив, им помагаме да ги надминат чувствата на осаменост, разочараност и беспомошност, им даваме поддршка при посета на други институции, преземаме и други мерки за да се спречи насилството и да се избегне ризик од повисок степен, а им обезбедуваме и правна заштита, појасни Коцева Тодорова.

Таа за МИА говореше и за случаи кога жртви на насилство биле странска државјанка мажена во Тиквешијата, тиквешанка врз која било извршено родово базирано насилие од член на пошироко семејство поради нерегулирани имотно - правни односи. 

Ја нагласи соработката со сите други надлежни институции во државата, појаснувајќи дека освен што им помагаат на жртвите и им даваат поддршка, прават напори да ги доедуцираат, преквалификуваат, вработат, со цел да станат економски независни.  

Од 36 случаи лани во Кавадарци, во 14 жртвите побарале да се запре постапката

На ниво на СВР Велес, изминатата година се поднесени вкупно 85 кривични пријави за семејно насилство, а во првата половина од тековната 2023 година се поднесени вкупно 60 кривични пријави за семејно насилство, информираше за МИА, портпаролката Биљана Ѓаковска. 

-Членови од семејствата кои најчесто се пријавувани, се мажите (сопружниците). Во тековната година најголем број пати кога една личност е пријавувана е два пати, досега има неколку такви случаеви и сите се на различни подрачја на СВР Велес, односно  на подрачје на град Велес, Кавадарци и Неготино, а поконкретно еден случај е во Неготино и по два случаи во Велес и Кавадарци, се вели во пишаниот одговор добиен од Ѓаковска.  

Согласно евиденцијата на Јавна установа Меѓуопштински центар за социјални работи ( ЈУ МЦСР) Кавадарци, во 2022 година се регистрирани 36 пријавени случаи на семејно насилство, а во првата половина од 2023 се евидентирани 18 случаи. 

-Во 2022 година 22 жртви на семејно насилство продолжиле со пријавата, а 14 од нив побарале да се запре постапката. Во првата половина од 2023 година постапката ја продолжиле 13 жртви, а 5 од нив побарале истата да биде запрена. Во најголем број на пријави како сторител на семејно насилство се јавува брачниот другар/ поранешен брачен другар/партнер, како и син кога се јавува како сторител кон родител. Според евиденцијата во последните 10 години, една жртва има пријавено 6 пати пријава за семејно насилство, од кои 5 во МВР, ни одговорија од ЈУ МЦСР Кавадарци. 

Неколку прашања упативме и до ЈУ МЦСР Неготино. 

-Во 2023 година заклучно со месец јуни имаме 12 пријави за семејно насилство и  12  жртви, од кои се постапува по 8 со дадена согласност на жртвите и се предложени 12 мерки до судот, а се прифатени 10, значи  постапки кои по пријавата продолжиле со мерки се 8, а другите 4 не сакале да се постапува согласно законот, ни одговорија од Центарот.   

На прашањето, кои членови од семејства се најчесто пријавувани за насилство, ни беше одговорено дека најчесто тоа се  брачни партнери (најчесто мажи) и дете - син. 

-Неколку од сторителите се повторуваат, но го извршуваат делото по истекот на мерките, само  еден  извршил ново дело и со тоа ги прекршил тековните мерки, одговорија од  ЈУ МЦСР Неготино.

Според податоци добиени од кавадаречкото Обвинителство што е надлежно за четирите општини од регионот, од почетокот на годинава до крајот на август, регистрирани се неколку кривични дела кои опфаќаат родово базирано и семејно насилство. Според различни членови од кривичниот законик, примени се 63 кривични пријави, а отфрлени се девет, една отстапена во надлежност на друго обвинителство.

Што се однесува до поднесени обвиненија или казнен налог од пријавите, има 12 случаи според член 130 став 2 и три пресуди по обвиненија за условни осуди, а 27 според член 144 став 2 пред измените на КЗ и член 144 став 3 по измените, за кои има 4 пресуди по обвиненија, од кои една затворска казна и три условни осуди. 

Светлана Дарудова 

Фото: МИА и приватна архива на Коцева Тодорова

 

 

Остани поврзан