Вкупно 47 повредени полицајци, 11 приведени демонстранти и материјална штета - епилог од протестите
- Четириесет и седум повредени полициски службеници од кои 11 потешко, приведени 11 демонстранти и причинета материјална штета е епилогот од денешните протести против францускиот предлог.
![Вкупно 47 повредени полицајци, 11 приведени демонстранти и материјална штета - епилог од протестите](https://mia.mk/index.php/images/20221113173109_big_730x400_21.webp )
Скопје, 5 јули 2022 (МИА) - Четириесет и седум повредени полициски службеници од кои 11 потешко, приведени 11 демонстранти и причинета материјална штета е епилогот од денешните протести против францускиот предлог.
Министерството за внатрешни работи доцна вечерва информира дека се повредени 47 полициски службеници од кои 11 потешко, а двајца имаат сериозни повреди. На сите повредени полициски службеници им е укажана лекарска помош, а потешко повредените се пренесени во медицинските установи за санирање на повредите и медицинска нега.
За време на протестот оштетени се и прозорците и фасадите на Владата, Собранието и Министерството за надворешни работи. Скршени се и 16 полициски штитови, повеќе заштитни полициски шлемови и радио-врски, а оштетено е и полициска куќарка пред Собранието и едно полициско возило.
- Констатирани се повеќе нарушувања на јавниот ред и мир од страна на демонстрантите, кои фрлаа со камења, јајца, железни предмети, бекатон плочки, молотови коктели, сообраќајни знаци, канти за ѓубре и пиротехнички средства, како кон објектите, така и кон полициските службеници кои вршеа службени дејства обезбедувајќи ги државните институции, се наведува во соопштението од МВР.
Оттаму информираат дека се приведени 11 демонстранти и дека за време на протестите од страна на полицијата не биле употребени пиротехнички, ниту хемиски средства за разбивање на толпата.
- МВР презема мерки за расчистување на случајот и апелира до организаторите на протестите и до граѓаните да покажат демократски капацитет, протестите да бидат мирни и демократски, да ги сочуваме редот, мирот и безбедноста. Преку насилство кон оние коишто го одржуваат редот, кон македонската полиција и објектите на институциите, не се постигнува ништо; дијалогот треба да се води во институциите на системот, велат од МВР. бак/ац/
![](/articles/images/%d0%b2%d0%ba%d1%83%d0%bf%d0%bd%d0%be-47-%d0%bf%d0%be%d0%b2%d1%80%d0%b5/Lph922X7m/placeholder.webp?use_watermark=0)
![](/articles/images/%d0%bf%d1%80%d0%b5%d0%b4-%d1%81%d0%be%d0%b1%d1%80%d0%b0%d0%bd%d0%b8%d0/S0mU6fkP6/placeholder.webp?use_watermark=0)