• среда, 25 декември 2024

Вкупниот број на мигранти кои го преминале Ламанш оваа година надминува 18 илјади

Вкупниот број на мигранти кои го преминале Ламанш оваа година надминува 18 илјади

Лондон, 12 јули 2024 (МИА) - Над 700 мигранти вчера го преминаа Ламанш, а двајца загинаа за време на патувањето, јави ДПА. Ова е најголемиот број на мигранти кои пристигнале по воден пат од стапувањето на должност на премиерот Киер Стармер.

Министерството за внатрешни работи вчера регистрирало 703 новопристигнати со 11 чамци, што значи дека во просек имало по 64 лица на едно пловило.

Две лица загинаа вчера во француски територијални води при обидот да го преминат Ламанш, а неколку други беа спасени и вратени во Франција. Француските власти соопштија дека водат истрага за смртните случаи.

Со вчерашните пристигнувања, вкупниот број на мигранти кои пристигнале во Велика Британија преку Ламанш од почетокот на годината достигна 18.342. Ова е за 13 отсто повеќе од минатата година (16.170 до истиот датум во 2023 година), но за 3 проценти помалку во споредба со истиот период во 2022 година (18.978).

Најголемиот број новопристигнати за еден ден оваа година беше регистриран на 18 јуни, кога на британскиот брег пристигнаа 882 мигранти, додека на 1 мај пристигнаа 771 лице. „Рекорди“ беа забележани и пред парламентарните избори во земјата.

„Сите сакаме да ставиме крај на ризичните патувања со мали чамци преку Ламанш, каде се занемарува граничната безбедност и се доведува во опасност човечкиот живот“, се наведува во изјавата на Министерството за внатрешни работи.

„Новата влада презема чекори за зголемување на безбедноста на нашите граници, преку создавање на нова команда за гранична безбедност, која ќе ги обедини разузнавачките и спроведувачките агенции, кои добија нови овластувања за борба против тероризмот и распоредуваат стотици службеници во Обединетото Кралство и во странство, за да ги уништат криминалните банди кои со криумчарење луѓе заработуваат милиони“, се наведува во изјавата. ссм/

фото: архива

Остани поврзан