• среда, 25 декември 2024

„Вијести“: Судбината на Основниот договор на Црна Гора со СПЦ и натаму неизвесна

„Вијести“: Судбината на Основниот договор на Црна Гора со СПЦ и натаму неизвесна
Подгорица, 6 јули 2022 (МИА) – Демократската партија на социјалистите (ДПС) на црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ се уште не решила што ќе преземе доколку Владата на премиерот Дритан Абазовиќ задутре, независно од спротивставувањето на партијата од чија поддршка зависи опстанокот на Владата, го усвои текстот на Основниот договор со Српската Православна Црква, пишува подгоричкиот весник „Вијести“. И додека се уште е неизвесно потпишувањето на Основниот договор со СПЦ, од Владата за весникот изјавуваат дека нема пречки таков договор да се потпише и со Црногорската Православна Црква иако таа не е признаена од Вселенската патријаршија. „СПЦ е регистрирана во Министерството за правда како и секоја верска заедница. Нема ништо спорно во тоа - од гледна точка на државата тие се верска заедница“, велат за подгоричкиот весник од Владата, откако премиерот Дритан Абазовиќ вчера ја повика непризнаената ЦПЦ да потпише идентичен договор каков што Владата најавува дека ќе потпише со СПЦ. Архиепископот цетињски и поглавар на непризнаената ЦПЦ Михаило вчера за подгоричките медиуми изјави дека нема да потпише договор „со кој не се гарантираат богослужби во црногорските светилишта“. Истовремено амбасадорите на државите од ЕУ изразија загриженост дека потпишувањето на Основниот договор со СПЦ би можело да предизвика политичка нестабилност и да доведе до „пад“ на Владата на Абазовиќ. Пред извршната власт во Подгорица да расправа за Основниот договор со СПЦ, документот мора да биде одобрен од Комисијата за политички систем со која претседава потпретседателот на Владата и министер за одбрана Рашко Коњевиќ од СДП. Според Деловникот на Владата, Комисијата одлучува со мнозинство број од присутните членови на гласањето. Доколку документот не го помине тоа тело, не би требало да оди пред Влада. Но, како што е соопштено од Владата за „Вијести“, премиерот има право материјалот да го стави на дневен ред иако не ја добил поддршката на Комисијата. Од Кабинетот на Абазовиќ за весникот е потврдено дека Владата по Основниот договор ќе одлучува со квалификувано мнозинство, иако тоа не е предвидено со Деловникот, но е во согласност со коалицискиот договор на партиите што ја формираат власта. Тие се договорија по прашањата од „витален државен и национален интерес“ каков што е Основниот договор, регионалната иницијатива „Отворен Балкан“ и пописот Владата одлуките да ги носи токму на тој начин. Претседателот на Црна Гора Мило Ѓукановиќ вчера повтори дека Владата не треба да избрзува со одлуката за потпишување на Основниот договор со СПЦ. Тој за медиумите изјави дека актуелната верзија на договорот не е прифатлива за партијата со која раководи. аб/

Остани поврзан