• сабота, 06 декември 2025

Вицепремиерот Маричиќ учествува на Форумот на ЕУСАИР во Тирана

Вицепремиерот Маричиќ учествува на Форумот на ЕУСАИР во Тирана
Скопје, 16 мај 2022 (МИА) - Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања и Национален ИПА координатор, Бојан Маричиќ денеска ќе учествува на седмиот годишен Форум на макро-регионалната стратегија на ЕУ за јадранскиот и јонскиот регион (ЕУСАИР), што се одржува во албанскиот главен град Тирана. Вицепремиерот Маричиќ ќе присуствува на заедничкиот состанок на министрите задолжени за европските фондовите и одговорни за ЕУ на  членките на ЕУСАИР, на кој ќе ги разменат добрите практики, ќе ја споделат политичката визија и насоката на спроведувањето на проектот. Заменик претседателот на Владата ќе биде говорник и на Панел-дискусијата посветена на европска интеграција на Западен Балкан и Зелената агенда. Предвидено е во рамки на Форумот Маричиќ да оствари билатерална средба со италијанскиот заменик министер за надворешни работи и меѓународна соработка Бенедето Дела Ведова. ЕУСАИР е една од четирите макро-регионални стратегии на ЕУ, која опфаќа десет држави: четири членки на Европската Унија - Хрватска, Грција, Италија, Словенија и шест земји кои не се членки на ЕУ - Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија и Сан Марино. Општата цел на ЕУСАИР е да промовира економски и социјален просперитет и раст во регионот, преку подобрување на неговата атрактивност, конкурентност и поврзаност. Стратегијата, исто така, има за цел да придонесе за понатамошна интеграција на Западен Балкан во ЕУ. На годинешниот 7-ми Форум Албанија претседателството со ЕУСАИР ќе и го предаде на Босна и Херцеговина. свс/сп/

Остани поврзан