• сабота, 21 декември 2024

Високиот комесар за човекови права на ОН, Фолкер Тирк, побара итен прекин на огнот во Појасот Газа

Високиот комесар за човекови права на ОН, Фолкер Тирк, побара итен прекин на огнот во Појасот Газа

Каиро, 9 ноември 2023 (МИА) - Високиот комесар за човекови права на Обединетите нации, Фолкер Тирк, за време на обиколката на египетскиот граничен премин Рафа, што води до Појасот Газа, упати итен апел за прекин на огнот во палестинската енклава.

Тирк кажа дека граничниот премин Рафа е „спас“ за 2,3 милиони жители на Газа, но го опиша и како „неправедна и безобразно тенка нишка на животот“, пренесува лондонски Гардијан.

Луѓето и натаму се „многу ранливи“ во сите делови на Газа, рече тој, нагласувајќи дека „итен хуманитарен императив“ е да се дојде до сите оние кои се сè повеќе изложени на ризик во северните и централните делови на Појасот Газа.

-Последниве неколку дена моите колеги добиваат извештаи за сиропиталиште во северниот дел на Газа каде има 300 деца на кои им е потребна итна помош. Поради недостаток на комуникации и непроодни и небезбедни пристапни патишта, не можеме да стигнеме до нив, рече Тирк.

Тој додаде дека од 7 октомври, кога изби конфликтот меѓу Израел и Хамас, воени злосторства се извршени од двете страни.

-Злосторствата извршени од палестинските вооружени групи на 7 октомври беа грозоморни, тие беа воени злосторства, исто како што и земањето заложници е воено злосторство, рече Тирк, пренесуваат британските медиуми.

Тој, исто така, изјави дека колективното казнување на палестинските цивили од страна на Израел и илегалната присилна евакуација на луѓето се воени злосторства, наведува Би-Би-Си. сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан