Високиот комесаријат на ОН за правата на човекот побара буџет од 500 милиони долари за оваа година
- -Денеска апелирам за 500 милиони долари... за да се решат некои од најголемите предизвици за човековите права со кои се соочуваме денес и со кои ќе се соочиме во иднина, рече високиот комесар на ОН за човекови права Волкер Турк пред дипломатите во Женева.
Женева, 30 јануари 2024 (МИА) - Канцеларијата на Високиот комесаријат за човекови права на Обединетите нации денеска побара 500 милиони долари за финансирање на своите активности годинава, иако минатата година доби малку повеќе од половина од износот, пренесуваат француските медиуми.
-Денеска апелирам за 500 милиони долари... за да се решат некои од најголемите предизвици за човековите права со кои се соочуваме денес и со кои ќе се соочиме во иднина, рече високиот комесар на ОН за човекови права Волкер Турк пред дипломатите во Женева.
„Живееме во време на длабока поделба. Конфликтите се множат во многу делови од светот, неодамна на Блискиот исток. Овие војни оставаат длабоки рани - го хранат страдањето кое, без правда, ќе направи голема штета на иднината на цели народи “, истакна тој.
Канцеларијата на Високиот комесаријат за човекови права на Обединетите нации, која има 1.962 вработени во 91 земја низ светот, лани доби 283,2 милиони долари од бараните 452 милиони долари, кога организацијата ја одбележа 75-годишнината од усвојувањето на Универзалната декларација за човекови права.
-Сè уште имаме значителен недостиг во средствата потребни за поефективно и помасовно давање решенија за човековите права, рече Турк.
„Итно треба да се справиме со историското недоволно финансирање што влијае на човековите права, еден од трите столба на работата на ОН“, додаде тој.
Турк посебно им се заблагодари на главните земји донатори, наведувајќи ги петте најголеми: Европската унија, САД, Шведска, Германија и Норвешка. сд/
фото:МИА архива