• петок, 05 декември 2025

Висар Адеми: Општина Гостивар има најголем долг во Македонија

Висар Адеми: Општина Гостивар има најголем долг во Македонија

Гостивар, 26 септември 2025 (МИА) – Независниот кандидат за градоначалник на општина Гостивар на денешната прес-конференција посочи дека моментниот долг на локалната самоуправа надминува 11 милиони евра. Тој искажа и сомнеж дека некои договори кои ги склучила општинската администрација не се во склад со извршените работи.

- Според официјалните податоци, Општина Гостивар влегува во локалните избори со најголемиот долг во Македонија. Самата општина има 693 милиони денари (околу 11,3 милиони евра) и заедно со обврските на јавните претпријатија, вкупниот долг изнесува 25 милиони евра, рече Адеми.

Тој презентираше и неколку документи за кои тврди дека се сомнителни договори и се однесуваат на проектантски услуги, санација на улични дупки, и реконструкција на салата на Советот на општината.

Независниот кандидат Висар Адеми во обраќањето пред новинарите потенцираше дека ваквото финансиско управување го парализира развојот на Гостивар и директно му штети на квалитетот на живот на граѓаните. Тој претстави план за финансиска консолидација и трансформација на Општината.

- Планот вклучува: постепено раздолжување и воведување буџетска дисциплина, максимална транспарентност и отчет, институционална реорганизација за ефикасност и професионалност, дигитални иновации и модерен модел на локално управување, рече Адеми.згм/вј/

Фото: МИА

 

Остани поврзан