• вторник, 24 декември 2024

Винска регата по Тиквешкото Езеро

Винска регата по Тиквешкото Езеро
Кавадарци, 23 јули 2022 (МИА) - Во организација на здружението „Винотек", кое се залага за промоција на производите од грозје и винскиот туризам, денеска на Тиквешко Езеро ќе се одржи Винска регата. Предвидено е во рамки на регатата со чамци да се минат триесетината километри низ Езерото, со цел, како што најавуваат организаторите, да се спојат виното со рибите, риболовот, манастирскиот и црковниот туризам, спелеологијата и планинарењето. Регатата ќе почнеме од пристаништето, од каде ќе се плови до светски познатиот Полошки манастир и пештерната црква Свети Лазар, што се непроценливо културно историско богатство не само на регионот, ами и пошироко. Во рамки на Регатата предвиден е и час по винска култура, во рамки на која меѓу останатото ќе се учи и како треба да се држи чашата кога се пие вино. - Ќе ги споиме тиквешкото вино со атрактивните убавини во и околу езерската вода, појаснува за МИА, Панче Арсовски, директор на регатата, што годинава ќе се реализира по осми пат. Тој нагласува дека сакаат на странските и домашни гости коишто доаѓаат во Тиквешијата да им понудат и забава, со цел ниту за момент, да не се почувствуваат здодевно. - Помеѓу виновите лози во лозје на брегот кај Брушани, предвидена е играта со барање на шишиња со вино. Шишињата вино се всушност скриеното богатство што треба да се најде во лозовите насади. Кој ќе има среќа да си најде вино, тоа е негово. Вистинско винско богатство во шише, потенцира Арсовски. свд/сст/

Остани поврзан