„Вешта жена“ за Тетово -победнички маси „Ајде на чај“ и „Клеопатра“,
- Истиот број бодови собрани од публиката и жири-комисијата, беа причина да има две победнички Зорица Јовановска и Гордана Маринковска.
Тетово, 30 март 2026 (МИА) - Здружението „Вешта жена“ вчера во Тетово ја одржа редовната градска годишна манифестација со натпреварувачки карактер каде жените ги покажуваат своите вештини во подготвување храна, поставување и декорирање на трпеза и креативност.
Истиот број бодови собрани од публиката и жири-комисијата, беа причина да има две победнички Зорица Јовановска и Гордана Маринковска.
-Зорица Јовановска чија маса со број 2 беше насловена „Ајде на чај“, освои прво место за најдобра декорација на десерт. Гордана Маринковска со маса број 3 и наслов „Клеопатра“ доби прво место за општ впечаток. Натпреварувачката од маса број 1, Ленче Китановска според бројот на гласовите доби прво место за декорација на главно јадење, за нејзината софра насловена Велигденска. Жаклина Маџовска од маса број 4 насловена „Пролетна трпеза“ освои најмногу бодови во дисциплината Вкус на главно јадење. Посебната категорија Гран-при, ја доби Даниела Димитриевска, за трпезата насловена „Аура“, информираше Снежана Стојановска, претседателка на „Вешта жена“.
Оваа манифестација, која повеќе од три децении ги претставува вештините на жените, годинава акцентот го стави на борбата на жената за одржување на семејството преку позитивните идеи и заложби.
-Нашите настани се поврзани со споделување на меѓусебна љубов. Годинашново мото и како сите останати се борба за семејството. Сите што припаѓаат во „Вешта жена“ без разлика дали како натпреварувачки, поддржувачи на настанот ја знаат таа споделена љубов и само на тој начин успеваме да постоиме 34 години . Се надевам дека сите оние што ја прифатиле нашата иницијатива, сите што тргнале од наши идеи, што сме ги пренеле, ќе успееме и понатака да се развиваме во позитивна смисла, рече Стојановска.
Во Тетово на 9 и 10 мај ќе се одржи и Републичкото финале со победничките од сите градови. ас/вг/
Фото: Вешта жена