• вторник, 24 декември 2024

Вештачката интелигенција го револуционизира учењето на странски јазици

Вештачката интелигенција го револуционизира учењето на странски јазици

Скопје, 16 јуни 2024 (МИА) – Вештачката интелигенција (ВИ) го револуционизира начинот на кој луѓето учат странски јазици. Преку апликации како „Дуолинго“ и „Бабел“, учењето станува попристапно, ефикасно и пријатно. Со помош на овие персонализирани програми, кои се прилагодуваат на нашиот ритам, ниво на знаење и интереси, секој може да изучува некој од странските јазици преку своите електронски уреди. Но, иако практичен, овој начин на учење има свои недостатоци, како што се отсуството на човечка интеракција и ограничени комуникациски вештини.

Министерството за образование и наука смета дека примената на нови технологии во сферата на образованието е процес што е незапирлив и позитивен, при што од клучно значење е да се обезбеди одговорно користење на вештачката интелигенција, пред сè од етички аспект.

- Ова е процес со бројни предизвици и наша цел не е да го забавиме технолошкиот напредок во образованието туку да ги сведеме на минимум потенцијалните опасности. Затоа што, сегашните ученици ќе се вклучат на пазарот на труд во време кога примената на вештачката интелигенција нема да се смета како нова технологија туку ќе биде вклучена во сите сфери на живеењето и работата, и за тоа треба да бидат подготвени, посочуваат од МОН. 

Оттаму велат дека нивните политики ќе бидат усогласени со најновите текови на европската легислатива во сферата на образованието, а во соработка со меѓународните партнерски институции и организации ќе го адресираат прашањето за одговорна, критичка и креативна употреба на вештачката интелигенција во образованието.

Професорката Анета Наумоска од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје изјави дека долгорочно гледано треба да се направи добро разработен план за тоа како ВИ да се вклучи активно во наставата бидејќи реалноста е таква што ВИ нема да се изгуби.

 - Треба синхронизирано и плански да се вклучи ВИ во наставата. Сега за сега сме на зачетокот на користење на ВИ во образовниот процес, но ни претстои уште долг пат за да биде имплементирана, вели таа, дополнувајќи дека е најважно да не сопираме, туку постојано да сме во тек.

Во однос на интересот за студирање на странски јазици на факултетот, таа вели дека намалениот интерес не се должи на експанзијата на вештачката интелигенција (ВИ), туку на фактот што студентите не се гледаат во функција на наставник или преведувач во иднина, тоа што го владеат англискиот јазик доволно да не го чувствуваат како предизвик за изучување и причината што на ФЛФ, не се изучува само јазикот туку и културолошките елементи на народите/земјите каде се говори тој јазик, книжевноста и историјата на јазикот.

Преку комбинација од ВИ и традиционални методи на учење, до оптимални резултати

Пресонализација на учењето, флексибилност и пристапност се само дел од предностите на изучување на странски јазици со помош на ВИ. Но, овој начин има и свои недостатоци, како што се недостиг на човечка интеракција, ограничените комуникациски вештини и зависност од технологијата.

Петар Сидеров, дипломиран инженер по информатички науки и компјутерско инженерство, појаснува дека процесот на изучување на странски јазици со помош на ВИ се базира на интеграција на напредни технологии за персонализација на учењето, автоматизација на рутински задачи и подобрување на интеракцијата со корисникот.

Според него, некои од клучните аспекти за веродостојноста на ВИ се технологијата на ВИ, односно која алатка ја користиме, методологијата на користење, ангажманот на ученикот и ограничувањата и предизвиците. 

Во однос на предности од изучување на странски јазици со ВИ, тој ги набројува пресонализација на учењето, флексибилност и пристапност, подобрување на мотивацијата и автоматизација на рутинските задачи. Како главни недостатоци ги потенцира недостигот на човечка интеракција (емотивна интелигенција и културни нијанси), ограничени комуникациски вештини, технолошки ограничувања и зависност од технологијата.

- За оптимални резултати, најдобро е да се комбинираат ВИ алатките со традиционалните методи на учење кои вклучуваат директна интеракција со наставници и други ученици, вели Сидеров.

Тамара Димитриевска, дипломиран инженер по информатички науки и компјутерско инженерство, се надоврзува дека ВИ може да го анализира напредокот на учениците и да ги приспособи лекциите на нивно ниво.

- Овој вид на изучување е генерално доверлив и ефективен за многу ученици. Сепак, ефективноста може да варира во зависност од квалитетот на алатката за ВИ, посветеноста на ученикот, како и сложеноста на јазикот, вели таа.

Како предности Димитриевска ги нотира персонализација, ефективност, следење на напредокот на ученикот, интеракција, а како негативности недостиг на човечка интеракција, варијација на квалитет, технички проблеми, зависност од технологија, мотивација и дисциплина.

ВИ нуди можности да се осовремени наставата 

За професорката Наумоска, ВИ е адаптабилна и нуди можности да се осовремени наставата.

- Последниве години забележувам раст на студенти кои носат лаптоп на часовите, со што се олеснува наставата. Начините на изучување странски јазици се менуваат од година за година и треба, како наставен кадар, да сме постојано во тек со сите новости. Предност на користењето на ВИ во наставниот процес е и тоа дека им се дава автономност и само-одговорност на студентите, а и можностите за критичко размислување се поголеми. За да има видливи резултати, и самите професори треба да се добро информирани за тоа како да организираат вежби на час, вели Наумоска. 

Според неа, колку што постојат предности, толку има и недостатоци, односно злоупотреба на ВИ за полесно положување на испити, и општо, полесно завршување на факултет. 

На прашањето колку студентите на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје користат ВИ во своето образување, професорката вели дека не користат.

- Знам дека генерализирам, и секако, постојат по 1-2 исклучоци во секоја генерација, но во суштина студентите го злоупотребуваат ВИ за препишување во која било форма и на кој било предмет. Се чувствува како да не сакаат да го користат својот мозок за да напишат нешто, туку тие го гледаат ВИ како начин за полесно „проаѓање“ на предмет, вели таа.

Сидеров смета дека вештачката интелигенција (ВИ) претставува значајна трансформација во многу професии, вклучувајќи го и предавањето на странски јазици, но дека е далеку од комплетно заменување на наставниците.

- Додека ВИ нуди многу предности и може да автоматизира одредени аспекти на учењето и предавањето, таа, исто така, носи и предизвици и потенцијални опасности за професиите во овој сектор. Но, сепак, сè уште сме далеку од комплетно заменување на наставниците со ВИ, бидејќи предавачите се фокусираат на човечко искуство и емпатија која што ВИ го нема, вели тој.

Димитриевска е согласна дека ВИ не претставува егзистенцијална опасност за повеќето професии, но, вели дека ги трансформира овие улоги.

- ВИ може да се справи со рутински задачи како што е оценување, обезбедување вежби, што им овозможува на наставниците да се фокусираат на посложените аспекти на наставата. Тие може да користат ВИ за подобрување на нивната настава, а ВИ сама по себе не може целосно да ги реплицира, вели Димитриевска.

ВИ е нова тема за центрите за странски јазици, образовните форуми немаат став по ова прашање

МИА стапи во контакт со повеќе центри за странски јазици од каде не се согласија на официјална изјава, но, неофицијално посочија дека вештачката интелигенција е нова тема за нив и засега не забележале разлика во однос на бројот на слушатели на нивните курсеви по странски јазици.

Тие сметаат дека ВИ може да помогне во изучувањето на странски јазици и дека голем дел од професорите веќе ја користат вештачката интелигенција во приготвувањето на наставата.

Од Младинскиот образовен форум одговорија дека немаат експертиза во ова поле за да дадат одговор на нашите прашања за влијанието на ВИ во образованието. Одговор не добивме ниту од Форумот за образовни промени.

Ангела Рајчевска

Даниела Маркоска Алексовска

Фото и видео: МИА 

Сторијата е изработена во соработка со Институтот за комуникациски студии во рамките на УСАИД проектот за медиумска писменост „Младите размислуваат“.

 

 

Остани поврзан