• вторник, 24 декември 2024

Вештачењето побарано од одбраната на обвинетите за случајот Веапоска тврди дека нема вина кај лекарите

Вештачењето побарано од одбраната на обвинетите за случајот Веапоска тврди дека нема вина кај лекарите

Струга, 26 февруари 2024 (МИА) - Со вкрстено испрашување на вештакот, професор доктор Драге Дабески, кој на барање на обвинетите го изработи вештиот наод за отстранувањето на матка, јајник и бубрег по породувањето со царски рез на Јилдз Веапоска од Дебар, денеска во Основниот суд во Струга продолжи јавната расправа во судскиот процес против тројцата лекари од струшката Болница, гинекологот Мухамед Асани, неговиот син доктор Блертон Асани и доктор Лилјана Јованоска.

Според вештакот, обвинетите лекари не направиле пропуст при лекувањето на родилката, туку спасиле еден млад живот. Тој тврди дека согласно доставената документација за вештачење, лекарите во струшката Болница постапиле правилно кога ги извадиле органите за санирање на крварењето предизвикано од бубрежната артерија.

Тоа вештачење е спротивно на првото изработено од судска медицина и бранителот на оштетената не го признава.

- Вештачењето на Судска медицина укажува дека се пропуштени многу работи при операцијата и скоро е невозможно поинаку да размислуваме. Обвинетите ќе мора да одговараат за дејствијата кои ги превзеле, односно што не ги превземале. Верувам дека и Судот е заинтересиран да се утврди правата вистина во поглед на тоа како е возможно бремена жена да влезе здрава права во операциона сала, а потоа да излезе без три органи. Тоа е мистерија, изјави по рочиштето адвокатот на Веапоска, Сашо Јанев.

Оштетената Веапоска, пак го поставува прашањето како лекарите во Болницата во Струга и го спасиле животот, кога во кома била пренесена на скопските клиники каде подлежела на нов хирушки зафат.

- Вештакот појаснува дека докторите обвинети ми го спасиле животот со тоа што ги извадиле моите органи и ме оставиле половина човек, но како ми го спасиле животот кога мене ме пратиле во Скопје и повоторно сум била принудена да влезам во операциона сала да се прави ревизија во Скопските клиники. Мојата битка траеше 14 дена во кома. Потоа незнам како застанав на нозе, но јас за мојот живот што го спасиле сум им благодарна на докторите на Клиниката во Скопје и докторот Скендер Саиди. Овие доктори не ми го спасија животот, овие доктори ми го упропастија животот, ме направија инвaлид, неможам повеќе да раѓам и неможам повеќе да имам деца, изјави Веапоска.

Адвокатот на третообвинетата, доктор Лилјана Јованоска, Александар Новаковски вели дека на следното рочиште ќе следува усогласување на двете вештачења, а потоа ќе се одлучува за дополнителни предлози. Не ја исклучива ниту опцијата за супер вештачење.

- Многу е битно дали ќе се усогласат вештаците за да не се одолговлекува постапката, а дали ќе предложам јас дополнителни докази ќе зависи од тоа усогласување. Има јаз меѓу двете вештачења, медицински различни се спротиставени тврдењата за тоа дали било неопходно да се направи хистериктомија или не и како настанале повредите. Сметам дека до сега за третообвинетата не гледам никакви докази за вина, рече Новакоски.

Следното рочиште е закажано за 23 април за кога треба да бидат повикани сите вештаци од судска медицина и професорот Дабески со цел да ги усогласат вештачењата. сс/дма/

Фото: МИА

Остани поврзан