• петок, 08 ноември 2024

Вечер во Струмица ќе се одржат 15. „Роднокрајни поетски средби“

Вечер во Струмица ќе се одржат 15. „Роднокрајни поетски средби“

Струмица, 15 декември 2023 (МИА) - Здружението за развој на културата и заштита на културното наследство „Контекст-Струмица“, во соработка со Европската куќа во Струмица, вечер го организира 15-то издание на „Роднокрајни поетски средби“.

Како што соопштија организаторите, со овој настан се заокружува оваа година во духот на поезијата, но и присутните да уживаат во творештвото на роднокрајните поети од Струмица.

-Станува збор за поетска манифестација која редовно се одржува на различни локации во Струмица и струмичко и истата има за цел да ги промовира домашните автори по еден сосема уникатен и неформален начин, со помош на интеракција и слободен пристап. Секој што пишува или има што да каже може да биде дел од овие средби, а во иднина оваа манифестација ќе го прошири самиот формат, па освен поети, ова е идеално место да се претстават и луѓе кои се занимаваат со перформанс, stand up, слем поезија, free style изразување, MC-a и што уште не. Да се биде отворен кон сите нови форми на интерпретација е од исклучителна важност, со проширувањето на кругот на учесници ќе се создаде уште поширокогледа платформа, стои во соопштението на „Контекст-Струмица“.

Како што информираат „Роднокрајни поетски средби“ досега биле домаќини на повеќе од 50 локални автори и десетици етаблирани поети од земјава и странство.

-Овој настан има за цел да ги зближи роднокрајните автори и да креира јадро за запознавање, презентација и промоција на истите. Истовремено да и понуди на публиката автори од државата и странство кои досега не настапувале во градот, а ја имаат желбата тоа да го направат пред публиката, која со будна уво и душа е подготвена да го чуе секој нов стих напишан од оние кои се презентираат, се додава во соопштението.

Инаку, целта на настанот е доближување на творештво поблиску до читателите и афирмација на роднокрајното творечко перо. рт/вг/

Фото: Организатор

Остани поврзан