• петок, 08 ноември 2024

Верувам дека имаме докази и дека виновникот ќе биде изведен пред лицето на правдата, вели Спасовски за случајот Онкологија

Верувам дека имаме докази и дека виновникот ќе биде изведен пред лицето на правдата, вели Спасовски за случајот Онкологија

Скопје, 9 октомври 2023 (МИА) - Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вечерва во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, прашан за случајот Онкологија, очекува дека сите факти и аргументи ќе бидат потврдени, обезбедени и дека врз основа на нив ќе се конкретизира вината бидејќи, како што порача, виновникот секогаш има име и презиме.

-Прво, јас употребив квалификации коишто се реални на сознанијата. Дали тие се тешки – да, тие се тешки. Дали тоа што се случувало е бескрупулозно – да, е бескрупулозно поради тоа што во услови кога знаеме сите кои луѓе одат на Клиника за онкологија, со што се се соочуваат, да дојдеме до една ваква состојба за којашто мораме да си признаеме сите дека дваесетина години се говори, повеќе или помалку, дека нешто се случува, дека имаме одредени негативни појави коишто ни се случуваат како што денеска гледаме во јавноста, повторно излегуваат информации дека еве сега и на други клиники тоа ни се случува и т.н. Сметам дека е направен тој чекор, направени се многу активности во рамки на истрагата, рече тој.

Тој кажа дека има докази, и тие докази се во Јавното обвинителство, дел од тие докази се уште се вештачат, земени се огромен број материјали, огромен број електронски уреди, направена е екстракцијата на сите материјали коишто се од електронските уреди.

-Тоа што е за вештачење во МВР, во делот на електронските уреди, ние ќе го работиме, тоа што е за вештачење со медицинската документација, ќе го работат стручните луѓе од медицината и веќе го работат, рече Спасовски. нд/

Спасовски во интервјуто на прашањето дали има амбиција да биде кандидат за претседател на државата или лидер на СДСМ, вели дека неколкупати дал конкретни одговори на прашањето и дека единствено што му е важно во моментот е да ги реализира започнатите и идните проекти и реформи во министерството со кое раководи.

Во интервјуто на прашањето „дали може да кажете – демантирам, одрекувам, ставам точка – немам амбиција ниту за кандидат за шеф на државата ниту за лидер на СДСМ“, Спасовски одговори:

-Видете, вие може да ме прашате било што, а како јас ќе одговорам е мое право и тоа право не ви го препуштам вам како новинар, мислам дека ви дадов многу јасни одговори“.

На новинарската забелешка дека одговорот на Спасовски не значи демант, министерот кажа дека тоа се констатации на новинарот и дека не сака таа дебата да се води во јавноста и во медиумите, туку во партијата, кога ќе дојде моментот за тоа.

Прашан за впечатокот во јавноста дека во последниот период е во кампања за лична промоција, со оглед на присуството на серија настани кои немаат врска со ресорот внатрешни работи, Спасовски вели дека тој лично се залага да биде во постојан контакт со граѓаните и дека тоа најдобро се прави преку непосредни контакти.

-Погледнете ги моите активности од 2013 година на сите социјални мрежи – јас благодарам што ме следите и ги промовирате тие активности – и ќе видите дека нема никаква разлика. И тогаш биле настани на кои сум бил, кои сум ги посетувал бидејќи сметам дека отвореноста во работењето и на институцијата и моја лична со луѓето е многу важна – да ја јакне довербата на институцијата, а тоа најдобро може да се прави преку непосредни контакти. Така што, сето ова што го гледате, тоа може да го видите и пред две или три години и воопшто не станува збор за нешто повеќе од тоа што сме го правеле и претходно, одговори Спасовски.

На прашањето дали би поддржал подавање рака кон неговиот поранешен сопартиец Максим Димитриевски, кој вечерва промовира нова политичка партија - Движењето за наша Македонија - ЗНАМ, рече дека поддржува и е отворен за соработка со сите што ги споделуваат истите вредности како што ги споделува и СДСМ.

Спасовски рече и дека во политиката никогаш не постои точка, туку единствено запирка и дека не ја исклучува можноста за соработка со сите оние кои ги споделуваат истите вредности како и СДСМ, вклучително и неговиот поранешен сопартиец и актуелен градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски.

-Јас поддржувам секогаш и сум отворен за соработка за сите кои ги споделуваат истите вредности како што ги споделува и СДСМ, така што апсолутно, знаете, во политиката никогаш нема точка, секогаш има запирка и секогаш заради доброто и интересот на идејата може да се разговара со секого ако се најде заеднички јазик, рече Спасовски.

Прашан за тоа дали чувствува одредена одговорност поради инсистирањето на претходните локални избори Димитриевски да не биде кандидат на СДСМ што се испостави како погрешна проценка бидејќи тој го победи кандидатот на СДСМ, Спасовски одговори дека тој инсистирал Димитриевски да не биде кандидат во 2017 година, а не во 2021 година, кога одлуката да не го поддржат ја донеле партиските органи, а не лично тој. нд/

 

Остани поврзан