• среда, 25 декември 2024

„Вера сонува за морето“ на Интернационалниот филмски фестивал во Венеција

„Вера сонува за морето“ на Интернационалниот филмски фестивал во Венеција
Скопје, 28 јули 2021 (МИА) - Република Северна Македонија, по 21 година, со филмот „Вера сонува за морето“ повторно учествува во селекција на најстариот и најпрестижниот филмски фестивал од А категорија, Интернационалниот филмски фестивал во Венеција. Долгометражниот игран филм „Вера сонува за морето“ е копродукција меѓу „Дрим Фектори“ од Република Северна Македонија (копродуценти: Огнен Антов, Стојан Вујичиќ), Косово: „Истра креатив фектори“ (продуцент: Шкумбрин Истрефи) и Албанија: „Пападимитри филм“ (коподуцент: Дионис Пападимитри). Во филмот главната улога е Вера, играна од актерката Теута Ајдини-Јегени, првенка на Албанскиот театар во Скопје. Играат и актерите Рефет Абази, Алкета Силај, Астрит Кабаши и др. Режисер на филмот е Калтрина Красниќи, сценариото е на Дорутина Баша, а кинематографер е Севдије Кастрати. Монтажер на филмот е Владимир Павловски, а снимател на звук е Игор Поповски. Композитор на филмот е Петрит Чеку, дизајнер на звук е Дарко Спасовски, а продуцент од Република Северна Македонија е Огнен Антов. Вера е преведувач на знаковен јазик, која по самоубиството сопругот, реномираниот судија, Фатмир Гаши, се наоѓа во ситуација самата да преговара за иднината на нејзината ќерка и внука со традицијата и државата. Покрај финансиските средства добиени од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија, препознавајки ја младата Калтрина Красниќи како дел од новиот млад филмски бран, филмскиот проект „Вера сонува за морето“ главна поддршка доби од „Филмскиот центар на Косово“ и дополнително од „Филмскиот центар на Албанија“. „Дрим Фектори“ е продукциска куќа основана од Огнен Антов во 2007 година. Во своето филмско портфолио вклучува дела на светски познати режисери, како и млади режисери чие време допрва доаѓа, а кои се прикажани на најголемите фестивали во светот.  Од последните остварувања на „Дрим Фектори“ е играниот филм „Џган“ во режија на Вардан Тозија, добитник на повеќе награди и учесник на преку триесетина филмски фестивали ширум светот. Филмски фестивал во Венеција (Mostra Internazionale d’Arte Cinematografica di Veneziae) е најстариот филмски фестивал во светот, што се одржува секоја година во Венеција, на почетокот на септември. Официјално дел од Венециското биенале, фестивалот се одржува во живописниот дел на градот Лидо, а комбинацијата на локација и традиција го прави најпопуларна дестинација за светската елитата на филмската индустрија. Филмскиот фестивал во Венеција е основан во 1932 година како Esposizione d’Arte Cinematografica (Изложба на кинематографски уметности). мд/са/

Остани поврзан