• понеделник, 23 декември 2024

Вера и Илија се вратија од град в село и пронајдоа мир во душата 

Вера и Илија се вратија од град в село и пронајдоа мир во душата 
Кавадарци, 15 октомври 2022 (МИА) - Вера и Илија Велјанови решија да го напуштат живеењето во Неготино и се населија во кавадаречкото село Сопот. Поговорката „Фали село, живеј во град“ не важи за овие позитивни луѓе. На седум километри од Кавадарци и девет од Неготино, тие ја живеат својата селска бајка. Да го одживеам остатокот од животот  Се вратив од град во село да го одживеам остатокот од животот! Со овие зборови ме пречека деновиве Илија, кога ги посетив во нивниот своевиден рај. - Како дете во далечната 1960 година, моето семејство го напушти Сопот и се настани во Скопје, градот кој беше гладен за работници, а селата се празнеа. Се индустријализираше земјата. Се отвараа големи капацитети кои побаруваа многу работници. Јас бев ученик во основно училиште и почнав да се привикнувам на градскиот живот, кој морам да признаам тешко ми паѓаше. Меѓутоа со тек на времето децата побрзо се вклопуваме во новите средини. Преку игри со врсниците од маалото и заедничките посети во паркот, зоолошката градина, во кино, потоа и во театар и на концерти, животот ми беше исполнет, разновиден и го засакав Скопје, евоцираше спомени за МИА. Дипломирал архитектонско градежен факултет и се вработил во Неготино. Се пензионирал пред десет години. По пензионирањето одлучил да се врати во родното село. - Со доза на задоволство, дека сум го дал мојот придонес кон заедницата и време е да го одживеам остатокот од животот во средина, каде што ќе најдам други активности кои беа одамна заборавени. Едноставно барав мир за душата! А во почетокот имав потешкотии да ја убедам сопругата дека во Сопот ќе ни биде поубаво, а Кавадарци и Неготино ни се на дофат и можеме во секој момент да одиме. Во село имаме поголем двор и услови за градина, живина, па и некоја коза. Се навикнавме на ваквиот живот многу полесно, отколку на промената од село во град. Стануваме рано и најпрво се прошетува во дворот, се дава храна на двете кучиња, па кокошките ќе се нахранат, козите исто така, па јајцата да се земат, козите да се измолзат, па градината да се ископа... И пресните производи да се стават на маса. Задоволството, верувале или не, е целосно. Домашен производ, еколошки чист, производство со сопствени раце, од своја градина, од своја стаја, од свој подрум. Во подрумот секогаш се наоѓа вино произведено од сопствени лозови насади од повеќе сорти на грозје. Секогаш во умерена физичка активност, со здрава еколошки произведена храна и користење пијалок на боговите, што друго да посака човек, кога го дал својот удел кон татковината и општеството, освен да го одживее остатокот од животот, онака како што нему најмногу му одговара и погодува, откри тој. Избравме селски живот и не зажаливме Мојот живот го живеев и го живеам измешан помеѓу раздвиженоста и хаосот во градска средина  и смиреноста и особеностите на шареноликоста на задоволства кои ги дава селото. Ова пак беа зборовите на неговата сопруга Вера. Родена во битолско, израсната во Битола и Скопје, правник по професија. - Паралелно со работата, а живеејќи во лозарски крај, го посадивме, првото лозје од три декари, наредната година уште два декара, на нивите од татко му. Лозјето ни беше за рекреација и за зголемување на домашниот буџет. По некоја година изградивме и сопствена куќа во Неготино. Условите за градба тогаш беа поволни, бидејќи банките одобруваа кредити под поволни услови. Тоа значеше дека ќе се врзиме за овој крај. И така стана. Кога човек ствара имот, потешки се преселбите. По 35 години работен стаж се пензионирав и Илија предложи да се настаниме во Сопот, а куќата да му ја преостапиме на синот. Тоа беше неприфатливо за мене. Навикната на живот во Битола и кратко во Скопје, се прилагодив во Неготино, да се селам во село Сопот?! Се противев, ама прифатив. Кога и децата ни се придружија, тогаш и животот на село, малку по малку, ми стана прифатлив, искрено проговори домаќинката. Таа кажа дека е голем љубител на животни и нагласи дека тие што ги имаат во селото, им го прават животот интересен и исполнет. - Кога мајка ми Милица ми ја даде првата коза, иако ми беше мила, ме плашеше помислата, дали ќе можам да се справам околу исхраната, чистењето, молзењето и преработката на млекото во сирење, кисело млеко и урда. По телефон се јавував кај мајка ми и таа ме подучуваше и така малку по малку сега се специјализиравме и во оваа дејност. На сопругот и моето здравје се подобри со секојдневните активности околу грижата за имотот во дворот. Домашните производи ги користиме исклучиво за сопствена консумација. Денот ни е исполнет, а задоволството од постигнат резултат ни го јача духот. Ние го избравме овој селски живот и не зажаливме, децидна е Вера. Сопружниците се осврнаа и на одлуката на синот Трајче и снаата Суза, исто така интелектуалци, кои, како и нив, му дале предност на селскиот, пред градскиот живот. - Нашиот наследник е дипломиран електро инженер, електро-енергетска насока. Побара работа во неколку компании што вработуваат од оваа струка. Беше спремен да прифати да работи и како работник во овие претпријатија. Сметаме дека не се создаде прилика да го искаже знаењето стекнато со студиите. Се обиде да работи преку сопствена фирма на работи според квалификацијата. Откако ги доби овластувањата за изведба на електротехнички инсталации, за проектирање и надзор над електро технички работи и го набави потребниот алат за работа, отпочна со работа. Меѓутоа, поради нелојалната конкуренција од вработени во јавни претпријатија и установи, патот кон успех беше попречуван и оневозможен и од тие причини, се посвети на работи во земјоделството. Производство на грозје, а потоа и производство на вино, регистрирана семејна винарија, беше неговиот избор за скромен живот на село, сподели Илија. Снаата има завршено Педагошки факултет за предучилишно образование и воспитание. - Редовно се пријавуваше во Агенцијата за вработување. Од минатата година се регистрираше како земјоделец и егзистенција за неа и семејството ќе си обезбедува од земјоделска дејност. Сепак, свесни дека образованието е неопходно, издвојуваат од скромната заработка за да им обезбедат на нивните две деца, а наши внуци, пристојно образование, давајќи им можности за посетување на курсеви по странски јазици и музичко образование. За еден ден, со сопствен труд да заработуваат во татковината или во белиот свет. Најсладок е лебот заработен со сопствениот труд! И имотот, што самиот си го стекнал, најмногу е вреден и чуван! Бог е голем!!, додаде Вера. Не изостанаа и пофалбите за внуците Илија и Филип. Тие имаат 13 и 9 години, но веќе се вклучени во работните обврски на семејството. Стекнуваат работни навики и учат за животот. Бабата и дедото се категорични дека сите се среќни и задоволни од животот во село - Сопот е урбана населба со релативно добри услови за живот. Асфалирани се целосно улиците во селото, водоснабдувањето е решено преку регионалниот водовод „Лукар". Користиме здрава планинска вода од изворите на планината Кожуф. Има канализациона мрежа и ми се чини секоја куќа е со бања и внатрешни тоалети. Електрификацијата е од далечните 50 години од минатиот век. Имаме достапност до интернет и кабелски телевизии. Организирано изнесување на комуналниот смет. И навиките на урбано живеење постепено се стекнуваат! Сопот има убава поврзаност со општинските центри Кавадарци и Неготино, рекоа  Велјанови, задржувајќи се сепак и на проблемите што ги носи животот на село. Но, како што истакнаа, тие се сепак помалку и помали, во однос на придобивките што ги носи селскиот живот. Приказната за испијанетата коза Вистинска селска идила владее на семејниот имот на Велјанови. Со оглед на тоа што станува збор за есен и гроздоберски крај, денови по гроздобер, во дворот главно опрема и алати за винопроизводство и печење ракија. Пчелите и осите наоколу, се доказ дека грозјето е благо и ќе има извонредни производи од гроздовите зрна. Но, тука се и ќумбињата за подготовка на домашна зимница. Има и дрва за огрев, велат скромните и гостопримливи луѓе, зимата слободно може да дојде. Напред во дворот нова современа куќа проектирана од газдата, назад стара автентична селска куќа за која се планира да биде искористена во функција на развој на селски и вински туризам. Го регистрирав и процесот на производство на шира од грозје, а нејзиниот вкус, ветува извонреден квалитет на божествената течност. На едно место во големата дворна површина остатоци од пресувани гроздови зрна се сушат и се мелат во сопственото млинче, се додава јачмен и пченка во мелењето, па се добива концентрирана храна за петте кози, двата прча и едното јаре. Токму со пресно комиње е поврзана и интересната семејна анегдота. - Козата Белка легна како болна. Беше неподвижна и неконтактибилна. Не можеше да стои на нозе, не сакаше да јаде и да пие вода. Се обидуваше да крене глава, но не можеше. Се уплашивме и се загриживме, што бидна со козата. Направивме импровизирана носилка од штици и ја пренесовме во шталата. Постојано бевме загрижени за нејзината судбина  и околу полноќ станав да проверам како е животното. Бев изненаден кога ја видов исправена и како јаде сено од јаслите. Тогаш сфатив дека козата се одврзала и прејала од штотуку пресувано комиње од грозје. Додуше снаата имаше право кога уште претходно коментираше дека можеби стрвното животинче претерало со комиње па се опијанило, оти се однесувало како пијан човек. Кон ова се надоврза синот, потсетувајќи дека стануваше збор за 80 проценти исферментирано комиње со голем процент на алкохол. Како и да е, оттогаш сме повнимателни и не дозволуваме некое од животните да јаде свежо комиње. Или, како што се шегуваме, не дозволуваме да се пие на голо или на суво, како што  велат тиквешани кога се мајтапат. Се јаде само остатоци од комиње мешано со јачмен и пченка, па и ако има мал процент на алкохол, барем е со мезе,  знаеме да се насмееме, со ведрина се присети Илија. Бидејќи првите две кози се подарок од мајката на Вера, едната од нив го носи нејзиното име, Мила. Другата е Белка, испијанетата коза. Тука се и Злата и Рошка. Токму со Белка се поврзани бројни згоди и незгоди. - Пролетта таа окози три јариња. Две бели како неа и едно темно како прчот. Белите веднаш ги засака и имаше мајчински инстинкт кон нив. Ги лижеше, им дозволуваше да цицаат. Третото го туркаше од себе и не му дозволуваше да се приближи. Моравме да обезбедиме шише со бебешка цуцла и ние да го храниме. Женско е, го крстивме Ѕвезда, оти има ѕвезда на челото. И погодено му е името, оти навистина е родено под среќна ѕвезда, иако несакано од мајката, најснаодливо е од сите и многу деца доаѓаат да го погалат, откри Вера. Таа со насмевка раскажуваше и за бељите што ги правеле козите кога знаеле да се напасат од овошките или живата ограда. Каква неправда, коментиравме со смеа кога дознавме дека во селото една коза се продава по цена од три до пет илјади денари, а прч, за девет илјади. Но, прчот печали, беше одговорот. Ех, ами и козата дава млеко, а од млекото се прави сирење и кашкавал, ама, тоа е таа судбина. Наздравивме со пресна шира и си посакавме пак да се сретнеме. Следен пат, здравје нека е, на летниковец под оревот, пред старата куќа. Светлана Дарудова

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан