• понеделник, 16 декември 2024

Велика Британија ги повика Иран и Русија да го почитуваат меѓународното право при нападите во Сирија

Велика Британија ги повика Иран и Русија да го почитуваат меѓународното право при нападите во Сирија

Лондон, 3 декември 2024 (МИА) - Британското Министерство за надворешни работи ги повика Иран и Русија да дејствуваат во согласност со меѓународното хуманитарно право по последните воздушни напади во Сирија, јави ДПА.

Говорејќи во Долниот дом, државниот министер (парламентарен потсекретар во Форин Офисот) Хајмиш Фалконер ги повика „сите инволвирани субјекти“ да не го напаѓаат цивилното население во Сирија и додаде дека владата внимателно ја следи ситуацијата таму со поглед на појава на можни терористички закани по неодамнешните настани.

-Директно ги повикувам сите вклучени страни, вклучително Иран и Русија, да дејствуваат во согласност со меѓународното хуманитарно право и да не напаѓаат цивили или цивилна инфраструктура, вклучително и здравствени установи. На хуманитарните организации мора да им се овозможи целосен пристап на теренот, рече Фалконер.

Во саботата, Русија за првпат од 2016 година изврши воздушни напади врз цели во Алепо, соопшти Сириската опсерваторија за човекови права, невладина организација, откако бунтовниците започнаа офанзива против сириската владина армија минатата недела.

-Не знаеме дали групата ХТШ („Хајат Тахрир ал-Шам“) ќе може да напредува на југ до градот Хама, што се наоѓа на околу 100 километри јужно од Алепо. Она што го знаеме е дека овие настани се голем пресврт на сирискиот фронт од 2020 година, рече Фалконер.

Државниот министер додаде дека „руското бомбардирање на провинцијата Идлиб, главната база на ХТШ, се засили, а има и извештаи за движење на (борците на) проирански групи во Сирија во поддршка на (сирискиот претседател Башар ) режимот на Асад“.

Според Фалконер, настаните се развиваат со голема динамика, но не е јасно во која насока ќе се движат.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, исто така, изрази загриженост за настаните во Сирија, и повика на итен прекин на огнот.

Канцеларијата на Обединетите нации за координација на хуманитарни прашања објави дека борбите во Сирија за само неколку дена принудиле околу 50.000 луѓе да ги напуштат своите домови.

-Состојбата со раселените останува многу динамична. Од 30 ноември нивниот број е над 48.500, наспроти 14.000 заклучно со 28, објави на социјалната мрежа „Х“ Том Флечер, шеф на службата.

Тој прецизираше дека раселените како резултат на борбите се од провинциите Алепо и Идлиб и дека повеќе од половина од нив се деца.

Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи најави дека министрите за надворешни работи на земјите од таканаречениот процес Астана (Русија, Иран и Турција) најверојатно ќе се сретнат за да разговараат за настаните во Сирија. Според дипломатот број еден на Исламската Република, тоа ќе се случи на маргините на дводневниот Форум во Доха, што ќе се одржи во главниот град на Катар од 7 до 8 декември. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан