• вторник, 24 декември 2024

Велигденски концерт на „Танец“ во петок во НОБ

Велигденски концерт на „Танец“ во петок во НОБ

Скопје, 17 април 2024 (МИА) - Во Националната опера и балет во петок, 19 април, ќе се одржи Велигденски концерт на ансамблот „Танец“.

Како што најавија оттаму, на програмата ќе бидат повеќе дела меѓу кои „Ѓурѓовденка“, во кореографија на Дојчин Матевски која всушност е сплет од игри и песни од Скопска Блатија и Скопска Црна Гора, поврзани со истоимениот пролетен празник. Музичка обработка е на Ѓорѓи Димчевски.

На програмата е и „Мечкари“, што е фрагмент од кореографската постановка „Прилепски игри“, инспирирана од традицијата за верскиот празник Прочка. Кореографијата е на Стојче Каранфилов, а музичката обработка на Милан Завков.

На концертот ќе биде прикажана и „Мариовска тресница“, една од постарите игри во репертоарот на „Танец“, во кореографија на Јонче Христовски и музичка обработка на Ѓорѓи Димчевски.

Публиката ќе може да ја види и најновата кореографска постановка на Танец, „У ливаду“, којашто ќе биде премиерно изведена. Преку обработка на изворни ора, песни и соодветни кореографски решенија, се прикажуваат сцени од една селска ливада. Кореографијата е на Јовица Блажевски, а музичката обработка на Сашо Митев.

Дел од програмата е и „Свадба“, во кореографија на Благоја Филиповски и музичка обработка на Ратко Гелевски и Томе Цветковски.

Ансамблот „Танец“ е основан во март 1949 година во Скопје. Веќе 75 години е еден од најстамените столбови на македонската традиција и култура и еден од главните темели на македонската државност. бт/бак/

Фото: Танец

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан