• сабота, 23 ноември 2024

Велешките советници во иднина ќе добиваат надомест во зависност од нивното присуството на седници

Велешките советници во иднина ќе добиваат надомест во зависност од нивното присуството на седници

Велес 30 јануари 2020 (МИА) - Советниците да ги прифатат обврските за кои се платени без разлика дали се опозиција или власт, да бидат редовни на комисиите и седниците, а не како до сега да ја напуштаат работата, истакна претседателот на Советот на Општина Велес, Ненад Коциќ на 50-та седница каде беше формирана Работна група за подготовка на измените и дополнувањата на Деловникот за работа на Советот.

Како што информира Коциќ, целта на дополнувањата на Деловникот е да се обезбеди поефикасна работа на Совет на Општината, да се обезбеди поголемо присуство на советниците на седниците и комисиите, а тие како народни избраници да ги оправдаат паричните надоместоци кои граѓаните ги издвојуваат за нивната работа.

Тој појаснува дека дел од советниците се потпишувале за присуство и си заминувале без да присуствуваат на седниците, а за тоа примале паричен надоместок како да присуствувале. Со тоа, не ја извршувале и својата обврска како советници да учествуваат во расправите и да предлагаат решенија по разни проблеми во општината со цел подобрување на условите за живеење на граѓаните.

Предлозите на Комисијата треба да бидат дадени на усвојување на Советот на Општината, а Коциќ очекува овие измени да бидат донесени за два до три месеци, за да има поефективна и поредовна работа на Советот.

Тој јавно ги повика граѓаните и здруженијата на граѓани, посебно експертите од областа на правото и локалната самоуправа,да се вклучат во промената на Деловникот.

Потенцира дека само така заеднички ќе се договорат во фазата на донесување на предлог-промените,пред донесување на финалната верзија на истиот. ад/бт/

Остани поврзан