• недела, 28 јули 2024

„Велешка питијада 2022“ од 7 до 9 октомври

„Велешка питијада 2022“ од 7 до 9 октомври

Велес, 27 септември 2022 (МИА) - Општина Велес по три години пауза од 7 до 9 октомври повторно ќе ја организира „Велешката питијада 2022“ - традиционалниот фестивал на велешка пита пастрмајлија и македонски вина од Велес и целото Повардарие. Освен пита и вкусни македонски вина, ќе има и музика со настап на најпознатите македонски пејачи и групи од народната и забаваната музика и други интересни содржини за кои подготовките се во тек, информираше градоначалникот на општина Велес Марко Колев.

Тој појасни дека како порано и годинава манифестацијата ќе се врати на главната улица „Благој Ѓорев“ во близина на кафетериите кај култното место „Панини“, а од спротива ќе биде поставена и бината за настап на учесниците.

Колев информира дека досега се пријавиле 15 угостители од градот кои подготвуваат пита пастрмајлија, а до 7 октомври ќе може  да се пријавуваат и други. Информира дека цената на питите и чаша вино ќе биде иста на сите поставени унифицирани штандови за продажба, а за висината на цената за велешката пита пастрмајлија ќе се договорат деновиве со угостителите и винариите.
Паркингот за возила во Велес за сите посетители од другите градови ќе биде бесплатен, а Колев ги замоли велешани во овие денови да не ги возат своите автомобили. Сообраќајот како и на поранешните манифестации ќе го регулира сообраќајната полиција од СВР Велес.
Во забавниот дел од манифестацијата, секој ден од 18 часот ќе настапат познати македонски фолк и поп рок пејачи и групи. На 7 октомври 2022 (петок) ќе настапат Миле Кузмановски, The hounds, ДНК, Нокаут, а во сабота од 18 часот детската група од „Дајте музика“, Наум Петрески и Зуица Лазова, Фолтин и Каролина Гочева. Во недела ќе настапат „5 +“ бенд, Сузана Спасовска, Академци, Љубојна +Brass Fantasy и Лозано.
Освен музика ќе има и настапи од други уметници за што преговорите се во тек, информираа градоначалникот Колев и претседателот на Советот Зоран Љутков од Организацискиот одбор.

За сега е сигурно велосипедска трка во недела, на 9 октомври, а се планира и изложба на олдтајмери и други содржини за кои подготовките се во тек.

Претседателот на Советот Зоран Љутков информира дека по неколку години пауза, годинава Велес е прв по бројот на културни манифестации во земјава.

Градоначалникот Колев потенцира дека прават напори да го вратат и некогашниот сјај на манифестацијата „Велешка питијада“ која, како што рече, беше една од првите и најпосетените вакви манифестации во земјава, а со тоа и да се придонесе за развој на туризмот со посетители, не само од земјава, туку и од странство. ад/мд/

Остани поврзан