• четврток, 26 декември 2024

Велев: Светскиот ден на Црвениот крст го одбележуваме со должна почит кон сите оние кои помагаат и се хуманитарни

Велев: Светскиот ден на Црвениот крст го одбележуваме со должна почит кон сите оние кои помагаат и се хуманитарни
Скопје, 8 мај 2022 (МИА) – Во Градскиот парк во Скопје денеска традиционално беше одбележан 8 мај – Светскиот ден на Црвен крст и Црвената полумесечина. Претседателот на Црвениот крст, д-р Ромел Велев изјави дека ова е настан што пред 163 години го означил почетокот на меѓународното движење и се гордее со тоа што од тогаш до денес со над 152 национални друштва  овој ден се чествува со должна почит кон сите оние кои придонесуваат во помошта и хуманоста за оние кои им е најпотребна. - Можам да констатирам дека ние навистина сме хуман народ. Почетоците на хуманоста на нашите простори се бележат уште пред 100 години, иако Црвениот крст официјално е формиран пред 70 години во 1945 година на 17 март. Почетоците на хуманитарноста на овие простори датираат од пред 100 години, тоа значи дека луѓето во овие краишта во суштина се и биле отсекогаш хумани. Во голем број ситуации во овие години тоа е докажано, почнувајќи од првиот бегалски бран по Втората светска војна, потоа поплавите во 1962 година, земјотресот, па се до денешен ден ние сме тие коишто учествуваат во сите хуманитарни активности каде што е потребно, истакна Велев. Генералниот секретар на Црвен крст, Саит Саити најави дека по повод денешниот ден започнува кампања на Црвениот крст која ќе се состои од обука за 25.000 средношколци и основци во текот на оваа година. - Тоа е една наша дополнителна амбиција, како Црвен крст, чувствувајќи потреба за дополнително да се вклучиме во придонесот и да дадеме прилог на 25 илјади млади луѓе да се справуваат со ризични ситуации и ненадејни. Секако дека мислиме со тоа ќе помогнеме во подобрување на здравствената култура, покажување на добар пример за другите. Имаме амбиција да ја зголемиме бројката на ученици кои ќе бидат дел овој проект во наредните години. Започнуваме сега, а во текот на летото ќе направиме мала пауза поради летниот распуст и крајна цел е да се опфатат 25.000 ученици, појасни Саити. Министерот за здравство, Беким Сали истакна дека Министерството е поддржувач на обуката за учениците, опишувајќи го како значаен и хуман проект во кој ќе бидат вклучени младите лица. Чествувањето на Светскиот ден на Црвен крст и Црвената полумесечина во Градскиот парк продолжи со културно-забавна програма. ки/вј/

Остани поврзан