• вторник, 24 декември 2024

Вевчански видувања и годинава инспирација и восхит за уметниците

Вевчански видувања и годинава инспирација и восхит за уметниците

Вевчани, 16 јули 2023 (МИА) - Живописното Вевчани, изворите, архитектурата, црквите, планината Јабланица, но и гостопримливите вевчанци по 12. пат беа инспирација за триесеттината учесници на Меѓународната ликовна колонија „Вевчански видувања“.

Покрај од земјава, годинава дел од колонијата беа и уметници од Израел и соседството, Србија, Бугарија и Грција, кои две недели ги истражуваа убавините на регионот и со четки и бои на свој начин, најспецифичното за нив го пренесоа на платно.

Некои од нив прв пат се во Вевчани, но има и такви кои се тука од самите почетоци на ликовната колонија. Покрај сликањето исполнети се со незаборавни моменти, забави, дружба, славење родендени, јубилеи... Со еден збор ресторанот „Виа Игнација“, местото каде творат уметниците е вистинско идилично катче на незаборавни моменти.

Ја посетивме колонијата последните денови, кога дел од уметниците веќе беа заминати, а делата што ги оставиле говореа за фасцинантноста од времето поминато тука. Во идиличната атмосфера на ресторанот „Виа Игнација“ ја сретнавме групата српски уметници, кои ги финишираа своите дела. Одвоија дел од драгоценото време да поразговараме и со восхит зборуваа за Вевчани, природата, водата, црквите... Воодушевени од убавините на регионот секој со својот стил највпечатливото го пренесува на платно, а пошироката публика тоа ќе може да го види на претстојните изложби со дела од „Вевчански видувања“, но и на каталозите што ги најави организаторот.

Горан Радовановиќ, ликовен уметник од Белград, прв пат е во земјава и импресиониран е од тоа што го видел и доживеал изминатите десеттина дена.

- Фасциниран сум од природата, атмосферата, духот на поднебјето. Се обидов тоа да го пренесам на моите слики. Правев пејзажи од овој крај. Најмногу ме инспирираше водата, изворите, текот на реката, пенењето на водата.... Тоа го правев, со восхит раскажува Радовановиќ.

Говорејќи за живописната природа, Вевчанските извори, пенењето на водата, специфичностите на Јабланица, старата вевчанска архитектура, не ги криеше импресиите од претстојот во ова мало идилично место.

- Ова за мене се е ново. Признавам дека сум како во некој сон. Се чуствувам прекрасно. Се уште не можам да продрам во тајната на ова поднебје. Се обидов преку сликите. Направив два пејзажи, а планирам да довршам уште еден горе на планината Јабланица. Таму исто е специфично. И она што кажуваат дека секој дел од Македонија има своја микро клима, тоа и го осетив. Навистина е карактеристично. Архитектурата... Реков штета што не сум дошол во Вевчани пред 100 години, кога сите куќи биле од камен и во стар стил. Убаво е и сега, но влегува модерното. Кога ќе се види минатото и остатоците од старите куќи проработуваат сликите како на филм. Опкружувањето со планината, наслонот, како се градени куќите, водата која минува низ нив... Се е бајковито, со емоции, говори Радовановиќ.

Микро клима и тајноста на пределите со извонредна убавина

Радовановиќ ќе понесе од Вевчани големо богатство и голема желба да се врати повторно, а тоа веќе го најави за септември.

- Големо гостопримство, една топла и широка македонска душа, која се чувствува на секој чекор, микро клима и тајност во пределите, која има извонредна убавина. Тоа е она што повторно вика да се вратите. Тоа Дадо Топиќ многу добро го опишал во песната „Македонија“, нагласува Горан, кој инспириран од убавините напишал и песна.

И младата сликарка Марија Милиќ е фасцинирана од убавините на Вевчани и позитивната енергија која се шири тука.

- Нема зборови со кои би се опишала оваа убавина. Овде најмногу ме инспирира природата и сите цркви кои ги прошетавме. Се чувствувам исполнето. Од првиот ден чувствувам позитивна енергија и добрина од околината. Позитивно ме изненадија луѓето, добрината и гостопримството... Тоа ми остави најголем впечаток и е најголемата инспирација за мене, вели Милиќ, чии дела се комбинација на повеќе елементи.

Црквите инспирација за уметниците

Учесниците на колонијата покрај во Вевчани имале можност да уживаат и во историските знаменитости и природата во Охрид, а посебен белег кај нив оставила посетата на комплексот Свети Наум.

- Најголем впечаток ми остави црквата Свети Наум, која е едно силно духовно место. Имавме можност да видиме многу цркви, знаменитости. Секое делче од Охрид буквално е наполнет со своја приказна. Да не говорам за историјата од која ќе занемите. Душата ми е полна, импресионирано говори Радовановиќ.

Сликите на Марија, како што ни кажа, се експресионистички и со христијански мотиви, надополнети со текст па учеството на колонијата било инспирација за нови дела.

- Многу ми значеа црквите кои ги прошетавме, посебно тука во Вевчани. Една од нив ме инспирираше да ја почнам првата слика со изворите во комбинација со мотиви од црквата. Секогаш гледам да ја забележам природата во околината и што ми е најинтересно и потоа понесена од интуицијата да искомбинирам повеќе елементи на сликата, раскажува Милиќ, чии дела се карактеристични по комплементарните бои и јаките контрасти.

Иако во делата на младата Нина Пљакиќ не се застапени христијански мотиви, црквите што ги посетила биле инспирација за една од нејзините слики.

- Обично не сликам христијански мотиви, но кога дојдов тука морав. Црквите тука се нереални, толку историја, видов преубави работи. Црквата Свети Јован Канео ми остави голем впечаток поради погледот и комплементарниот контраст на бои. Се е прекрасно и сакам повторно да се вратам, нагласи Пљакиќ.

Мирот, зеленилото и хигиената во Вевчани прочистување за уметниците од големите градови

Вевчанската природа, мирот, тишината и бистрите пенливи води се прочистување за уметниците од Белград.

- Се ова е како некое прочистување за нас. Белград е милионски град, реките и се околу е загадено, додека тука природата цвета, едноставно не сум навикната на мирот, тишината и чистотата. Тоа се гледа на моите слики, бидејќи целата таа духовност ја пренесов на платно, низ возбуда кажува Нина Пљакиќ.

Инспирација нашла во изворите, што ја поврзува и со нејзиното експресивно сликарство, а воодушевена е и од погледот на видиковецот над Вевчани, вгнезден во планината Јабланица.

- Водата, текот на реката ме влече да направам убави слики. Насликав лик од девојка со изворите, природата и треперењето на водата. Кај и да се свртиме гледаме зеленило, архитектурата е прекрасна се изгледа нереално како времето да застанало, вели Пљакиќ.

Вевчанските извори, биле најголема инспирација и за Александра Вуксановиќ, млада сликарка од Белград, а воодушевена е и од бистрината на изворите на реката Црн Дрим, кај Свети Наум.

- Покрај изворите голем впечаток ми остави и архитектурата. Додека го шетав Вевчани имав чувство како да е ова некое друго време, поразлично. Мирот и тишината во Вевчани се фасцинантни, посебно за некој кој доаѓа од голем град. Тишината за нас е нешто неверојатно, додава Вуксановиќ.

Импресионирани од убавината најавуваат повторно враќање во Вевчани

Српските уметници, учесници на ликовната колонија најавија повторно враќање во Вевчани, а она што го виделе ќе се обидат да им го пренесат на своите пријатели, но како што велат, тоа со зборови не се доловува па затоа ќе им порачаат да дојдат и да ги доживеат овие убавини.

Повторно враќање, како што кажа и Ефимија Угриноска Кукоска, организатор на меѓународната ликовна колонија „Вевчански видувања“, најавиле и останатите учесници иако голем дел од нив веќе традиционално секоја година убавините на Вевчани ги пренесуваат на платно.

- Природата, воздухот, водата, храната, но и гостопримството на локалното население, како и вевчанските вино и ракија оставија одлични впечатоци кај учесниците. Тие сакаат да се вратат повторно, истакна Угриноска Кукоска.

Ги пренесе позитивните впечатоци на двете сликарки од Израел, едната со потекло од Естонија, другата од Русија.

- Со себе понесоа волшебни моменти поминати тука, а ги споделија и со своите пријатели. Најавија дека следната година ќе дојдат во поголем број. Велат дека неможат да поверуваат дека постои вакво мало место кое шири толку голема енергија, во кое на едно место се собрани македонската историја и традиција, пренесува организаторката на колонијата.

Детската радост и љубопитство и годинава дел од колонијата

„Вевчанските видувања“ од година во година растат, созреваат и се развиваат. Колонијата, според неа, уште еднаш ги издигнаа културните и уметнички стандарди во државата.

- Тие се симбол на безгранична љубов кон уметноста и залагања кои оставаат трајни дела во Македонија. Живеејќи во време на кризи, конфликти и лоши вести, таквото сивило барем за миг го облагородија со свежи бои уметниците, кои од сите краишта на светот и оваа година дојдоа во преубавиот амбиент на ресторанот „Виа Игнација“, заклучи Угриноска Кукоска.

Покрај учеството на реномирани уметници од земјава и странство, и годинава дел од колонијата беа 10 млади сликари, чии дела ќе бидат продавани на аукција, а средствата донирани во хуманитарни цели. Посебна живост и дадоа најмладите, дечињата, кои беа дел од втората ликовна школа за деца „Вевчански видувања“.

- Детската радост и смеа е поттик повторно да ви приредиме ново искуство. Школата за најмалите сликари и оваа година на повеќе од 40 дечиња им овозможи да ги научат тајните на сликарството и да создаваат трајни дела, обучувани од постарите сликарски легенди, истакна Угриноска Кукоска.

Манифестацијата беше отворена со концерт на Калиопи и Владо Јаневски, пропратен со стендап перформанс на Сашко Коцев.

Слаѓана Стојкова Костоски

Фото МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан