• недела, 28 јули 2024

Веб страниците на министерствата за земјоделство и за одбрана со најголема достапност на информациите од јавен карактер

Веб страниците на министерствата за земјоделство и за одбрана со најголема достапност на информациите од јавен карактер

Скопје, 20 декември 2023 (МИА) - Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Министерството за одбрана се проактивно транспарентни, а најслаба транспаретност има Геолошкиот завод, покажуваат резултатите од мониторингот направен од страна на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер.

Како што информираа денеска од Агенцијата, Министерството за земјоделство и Министерството за одбрана во однос на проактивното објавување на информациите се најдобро рангирани со 49 бода по што следуваат Министерството за финасии и Царинската управа со 47 бодови.

- Треба да потенцираме дека веб страните на најдобро рангираните институции имаат лесен и пристапен начин на достапност на информациите од јавен карактер од интерес на барателите и ги поттикнуваме да ја следат и надоградуваат проактивната транспарентност, како и отчетноста во својата работа пред граѓаните, велат од Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер.

Оттаму посочуваат дека Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство втора година по ред покажува најдобра проактивна транспарентност во однос на членот 10 од Законот за СПИЈК, заедно со Министерството за одбрана, кое има континуитет во својата транспрентност и отвореност кон барателите на информации.

Најслаба транспарентност покажал Геолошкиот завод со 11 бодови, а пред него се Бирото за метрологија со 12 бодови, Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците со 13 бодови и Државниот инспекторат за транспорт со 13,5 бодови.

- Овие иматели треба да ги прилагодат своите веб страници за крајните корисници, односно граѓаните, од причини што на нивните веб страни тешко или пак воопшто не може да се добијат информации за нивната работа и нивното функионирање, што е основната цел на проактивната транспарентост, посочуваат од Агенцијата.

Мониторингот е спроведен кај 51 имател, односно на веб страниците на имателите на Владата во периодот од 14 ноември до 14 декември годинава.

- Нивото на транспарентност и отчетност во работењето на Владата на РСМ, министерствата и органите во состав имаат зголемен тренд на проактивно објавување на информациите од јавен карактер и нивната транспарентност оваа година е оценета како многу добра. Од мониторираните институции најголем дел се со многу добра транспарентност и Агенцијата на имателите им препорачува и во иднина доследно да ги почитуваат стандардите за транспарентност и отчетност, од причини што само на тој начин институциите и нивната работа ќе бидат повеќе достапни до крајните корисници, барателите на информации од јавен карактер, односно граѓаните, стои во соопштението. бак/дма/

Фото: МИА архива

Остани поврзан