• петок, 27 февруари 2026

Вајц: С Македонија да го искористи позитивниот момент за проширување на ЕУ

Вајц: С Македонија да го искористи позитивниот момент за проширување на ЕУ

Скопје, 26 февруари 2026 (МИА) - Македонските власти да го искористат позитивниот момент во ЕУ за проширувањето, повика известувачот на Европскиот парламент за Македонија, европратеникот Томас Вајц, презентирајќи го годинашниот нацрт-извештај за напредокот на државата пред Комитетот за надворешни работи на ЕП (АФЕТ).

Како што потенцира Вајц, има голем прозорец на можности во моментов за целиот регион, но особено за Северна Македонија да продолжи напред кон членство во ЕУ.

-Апликацијата е стара повеќе од 20 години и мислам дека е време да продолжат напред. Има зелено светло од Советот, Комисијата, тука во ЕП има огромна поддршка. Постои реален прозорец на можности и затоа се надевам дека македонските власти нема да ги пропуштат, порача известувачот на ЕП за земјава.

Според него, и покрај позитивните чекори, напредокот во владеење на правото, реформите во правосудството и борбата против корупцијата останува недоволен.

Вајц повика на итна политичка волја за да се реши застојот со уставните измени. Посочи дека правата на малцинствата за културно изразување и самоопределување се дел од европското законодавство и дел од преговарачката рамка.  

-Заклучоците треба да се спроведат, во Уставот да се стават малцинства што се присутни во земјата. Тоа е и во духот на она што би го нарекол успешна приказна на земјата, рече Вајц.

Северна Македонија, оцени, се наоѓа во тешка позиција бидејќи процесот на пристапување фактички е сопрен.  

Известувачот на ЕП за земјава истакна дека на земјата ургентно ѝ требаат странски инвестиции, особено во енергетиката, бидејќи и натаму главното производство на струја е од јаглен, што резултира со големо загадување на воздухот.

Бугарските европратенци, расправајќи по извештајот на Вајц, посочија дека наместо да бара начин како да ги заобиколи преземените обврски, земјата треба итно да ги спроведе уставните измени. Според нив, местото на С Македонија е во Унијата, но не по секоја цена. 

Дел од другите европратеници што се вклучија во расправата за нацрт-извештајот на Вајц сметаат дека уставните измени се дел од преговарачката рамка за земјата, но дека дел од вината за деценискиот застој во македонските евроинтеграции има и во самата ЕУ. Како што рекоа, очекуваат значителен напредок во реформите до крајот на годинава.

Според европратеникот од Словенија, Матеј Тонин, земјава дефинитивно припаѓа во ЕУ, но реформскиот моментум бара политичка одлучност околу уставните измени. Холандскиот европарламентарец Тиј Реутен рече дека македонските граѓани се уморни и им треба напредок, а причините што го нема ги лоцира во нашата земја, но и во Европскиот совет кој според него не обезбедил кредибилна перспектива, додека Антонио Тангер Кореа од Португалија оцени дека македонските граѓани не се само уморни од чекањето членство, туку и се оддалечуваат од ЕУ. -ЕУ мора да разбере дека Балканот е дел од Европа. Ако не го интегрираме Западен Балкан имаме безбедносни, економски, социјални и миграциски проблеми. За наше добро треба да го интегрираме Западен Балкан во ЕУ, секако според нашите правила. Но, мора од наша страна да направиме исто така голем напор, рече тој.

По денешното презентирање, нацрт-извешајот во периодот март - април ќе биде разгледан од сите политички групи по што следува гласањето за него во АФЕТ во мај, како и гласање на пленарна седница на ЕП пред летната пауза. 

ЕП лани во јули со 461 глас „за“, 121 „против“ и 107 „воздржани“ го усвои првиот извештајот на австрискиот европратеник Вајц за Македонија за 2023 и 2024 година, но во него не беше содржана формулацијата македонски идентитет и јазик. мч/вј/

фото: МИА архива

 

 

 

Остани поврзан