• сабота, 23 ноември 2024

Вашингтон Пост: Во САД беа огорчени од протекувањето информации за загриженоста за време на војната во Украина

Вашингтон Пост: Во САД беа огорчени од протекувањето информации за загриженоста за време на војната во Украина

Вашингтон, 13 декември 2023 (МИА) - Американските власти беа лути поради протекувањето информации што ја разоткри загриженоста за текот на војната во Украина, објави Вашингтон пост, повикувајќи се на неименувани извори.

„Бевме изненадени и бесни“, рече еден од интервјуираните, откако на Интернет се појавија доверливи документи кои содржат разузнавачки информации за војната во Украина, иранската нуклеарна програма и кинеските носачи на авиони. Во тоа време, портпаролите на американската влада бараа информации од медиумите за тоа што планираат да објават, пишува весникот.

Официјалните лица беа најмногу загрижени што некои од документите покажаа широк спектар на средства со кои американските разузнавачки агенции добиваат информации од теренот, вклучително и сателитски надзор и прислушување. Покрај тоа, како што наведува весникот, тие беа загрижени дека истекувањето информации може потенцијално да влијае на односите на американската разузнавачка заедница со колегите во други земји. Поради објавувањето на доверливите информации, тие беа особено незадоволни во Киев, бидејќи беше откриено дека е оценет неуспехот на украинската контраофанзива, што е во спротивност со претходната оптимистичка порака на Вашингтон за текот на војната.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави за Вашингтон пост во мај дека резултатот од протекувањето информации е подобро информирана Русија. „Тоа не беше од корист за угледот на Белата куќа, а верувам и за угледот на САД“, рече Зеленски.

Поранешен висок американски функционер рече дека иако протекувањето информации ги зголеми тензиите, тоа не го прекинало споделувањето разузнавачки информации со Киев. Според него, Москва веќе имала големи сознанија за украинската армија и тамошната влада уште пред да бидат објавени доверливите документи, наведува весникот. паг/

Фото: МИА архива

 

 

Остани поврзан