• четврток, 26 декември 2024

Вашингтон го осуди нападот на водоводот во северно Косово: Ќе го поддржиме откривањето и казнувањето на сторителите

Вашингтон го осуди нападот на водоводот во северно Косово: Ќе го поддржиме откривањето и казнувањето на сторителите

Приштина, 1 декември 2024 (МИА) – Американскиот Стејт департмент го осуди нападот со експлозив во кој беше оштетен водоводниот канал на Ибар-Лепенец во Зубин Поток во северно Косово во петокот вечерта, јави дописникот на МИА од Приштина.

Портпаролот на Стејт департментот, Метју Милер во објава на платформата Икс, што ја пренесе амбасадорот на САД во Приштина, Џефри Ховениер, напиша дека Вашингтон ќе ги поддржи напорите за пронаоѓање и казнување на одговорните и дека ги цени „сите понуди за поддршка во овој напор“.

„Го осудуваме нападот на 29 ноември врз водоводот во Косово. Ќе ги поддржиме напорите за пронаоѓање и казнување на одговорните и ќе ги цениме сите понуди за поддршка за овој напор“, напиша тој.

Тој им се заблагодари на „работниците за итна помош и на другите, вклучително и на КФОР, за обновувањето на водоснабдувањето“ во областите погодени од нападот.

Амбасадорот Ховениер, во неговата реакција веднаш по експлозијата на 29 ноември, порача дека „САД силно го осудуваат нападот на критичната инфраструктура во Косово, при што беше оштетен воден канал во Зубин Поток, кој е од суштинско значење за снабдувањето со вода на Косово и за работата на косовските електрани“.

„Ние внимателно ја следиме ситуацијата, ќе поддржиме сеопфатна истрага и ја понудивме нашата целосна поддршка на Владата на Косово за да се осигури дека одговорните за овој криминален напад ќе бидат идентификувани и повикани на одговорност“, напиша Ховениер на Икс.

Нападот го оценија како терористички и го осудија и Европска Унија и повеќе западноевропски земји, меѓу кои Германија, Велика Британија, Италија и Франција. иа/ми/

Остани поврзан