Вардар 1961 го совлада Сесвете за место во плејофот во Европската лига на ЕХФ
- Ракометарите на Вардар 1961 триумфираа вечерва на гостински терен против хрватски Сесвете со убедливи 38-24 и со тоа го обезбедија пласманот во плејофот на едно коло до крајот на групната фаза во Европската лига на ЕХФ.
Загреб, 25 ноември 2025 (МИА) – Ракометарите на Вардар 1961 триумфираа вечерва на гостински терен против хрватски Сесвете со убедливи 38-24 и со тоа го обезбедија пласманот во плејофот на едно коло до крајот на групната фаза во Европската лига на ЕХФ.
Вардар 1961 до својата четврта победа во петтото коло во групата Ф дојде со супериорна игра во која од самиот почеток го наметна својот квалитет.
Македонскиот тим веќе на полувремето обезбеди висока предност од 23-12 која рутински ја зачува до самиот крај на натпреварот во Загреб.
Урош Митровиќ со седум и Виктор Јанковски со шест голови беа најефикасни во редовите на Вардар 1961, додека Милош Валах запиша 11 одбрани на голот.
Со оваа победа Вардар ја задржа лидерската позиција и го обезбеди пласманот на едно од првите две позиции во групата кои обезбедуваат место во Топ 16 пред завршното коло во кое на 2 декември во Скопје ќе гостува француски Тулуз. ег
ФОТО: РК Вардар 1961/Фејсбук